Националниот Ромски Центар е формиран во период кога ЦРЗ Дром го достигна нивото на квалитетна работа и способност за засебно функционирање. Зад себе членовите на оваа организација имаат 10 годишно работно искуство.

Врз основа на нашите досегашни активности, сметаме дека Ромите сеуште се наоѓаат на маргините на општественото живеење. Основните фактори што ги доведуваат Ромите во оваа положба се кризите низ кои минува овој регион, како и тешката финансиска и социјална состојба.

Сметаме дека покренувањето на поголем број иницијативи од државата, од европските, светските институции и фондации (Акциониот план за Ромите на ОСЦЕ, Европскиот Ромски и патувачки форум, Декадата на Ромите на СОРОС фондацијата и Светската банка и Националната стратегија на Проект за етнички релации – ПЕР) го условува нужното инволвирање на Ромите во процесите на овие институции заради реална актуелизација и изнаоѓање на вистински решенија за потребите на Ромската популација.

Ромското прашање треба да се актуелизира токму во овој момент кога поголемиот дел од ромското население сеуште се соочува со прекривање на нивните основни човекови права (предрасуди, дискриминација, маргинализација), а Македонија се стреми за влез во Европската Унија.

Националниот Ромски Центар ја креира сопствената улога зависно од актуелните случувања и потреби на ромското население. Организацијата работи на лобирање, креирање дијалог и е сервис преку кој се гради мост за комуникација со сите активни субјекти. Центарот е глас на интернационалните организации кои подготвуваат годишни извештаи за Ромите.

НРЦ преку своите активности се стреми за придонес кон инклузијата на државата во Европската Унија. Следните 10 години, што се пред нас, се голем предизвик да работиме во рамките на Декадата на Ромите.

Визија на организацијата – Националниот Ромски Центар е невладина организација која соработува со релевантни актери и работи за активна партиципација и интеграција на Ромите, засновувајќи ја својата работа на принципите на модерното мултиетничко европско општество.

Мисија на организацијата - Националниот Ромски Центар работи како глас на Ромите ќе се залага за заштита на правата гарантирани за сите граѓани и развој на комуникациска мрежа.

Целта на НРЦ е решавање на локални, национални и интернационални проблеми и бариери во ромската проблематика.