Што се случува со образованието на Ромите во Македонија?

Скопје и Будимпешта, 29 септември 2008 – Македонија би можела да биде водечки модел
за вклучување на Ромите , со нејзината посветеност на мултиетничката демократија.
Сепак, кога станува збор за образованието, има многу малку достапни информации за
учеството на Ромите и нивните достигнувања така што не постои начин да се
покажат резултати, добри или лоши. Всушност, достапните информации сугерирараат
дека децата Роми најчесто не го завршуваат образованието, а ониe кои ќе го завршат
немаат стекнато вештини кои им се потребни во наоѓањето работа после
матурирањето. Како членка на “Декада за вклучување на Ромите 2005-2015“ Македонија
им се придружи на меѓународните напори да се идентификуваат проблемите со кои се
соочува ромската заедница а работата на граѓанските општествени групи е фокусирана
на приближувањето на ромските заедници до училиштата. Со вистинска посветеност,
Маедонија се уште има можност да покаже вистински напредок во образованието на
Ромите.

Ова се главните заклучоци вклучени во извештајот Еднаков пристап во квалитетно
образование за Ромите во Македонија од мониторингот на Институтот Отворено
општество. Соединувајќи ги постоечките истражувања на оваа тема како и изнесувајќи
нови податоци, извештајот претставува детална слика за образованието на Ромите. Три
истражувања на оваа тема, кои ги покриваат Гостивар, Шуто Оризари и Штип, откриваат
важни детали за локалните искуства и покажуваат што значи националната политика за
актуелните заедници. Извештајот беше подготвен од тим на локални експерти: Горан Јанев
и Аница Драговиќ од Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања, со
истражувачка подршка на активисти Роми Реџеп али Чупи, Ибрахим Ибрахими и Сабина
Мустафа.

(more…)

Соопштение

Колку државата е подготвена да понуди квалитетно образование за Ромите?

Од оддржаната прес конференција на 18 септември 2007 во Скопје(НВО Инфо Центар).

Националниот Ромски Центар неколку години наназад преку своите активности се обидува да креира позитивни текови во рамките на едукативното прашање на Ромите. Тековите се однесуваат на поефикасно и помасовно присуство во училишниот и образовниот процес. На прашањето на инклузијата на ромските деца во образовниот систем НРЦ работи во Македонија, но и надвор во партнерство со европски ромски организации.

НРЦ се залага за целосна вклученост на ромските ученици во регуларното основно образование преку промоција на општествената одговорност за спороведување на образовната политика и елиминација или минимизирање на осипувањето на ромските ученици.

НРЦ, благодарение на поддршката од Ромскиот Едукативен Фонд од Будимпешта, продолжува со кампањата која се реализира со основна цел:

  1. Да се зголеми бројот на запишани ромски ученици во основното образование преку подобрена институционална соработка на сите нивоа и зголемена свест за значењето на образованието во ромската заедница.
  2. Креирање дата база што ќе послужи како главна алатка на образовните институции во креирање на политиката за подобрување на ромското образование и мониторирање на напредокот на веќе запишаните ученици преку претходните проектни активности.

Резултатите од досегашните анализи укажуваат на драстично зголемување на бројот на ромски ученици и на родителската свест, но од друга страна овие факти се соочуваат само со декларативно изјаснување на државната волја за соработка. Ветената социјална заштита во поглед на учебници и финансиската поддршка за секој новозапишан ученик отсуствуваат и оваа година.

Измените во законот за образование, воведувањето деветолетка и задолжително средно образование дополнително ја усложнува ситуацијата со образованието на Ромите. Доколку не се преземат дополнителни активности за поддршка на ромските ученици ќе се наруши позитивниот тек што се појавува последниве две години. Во спротивно ќе следува влошување на состојбата на полето на здравството, вработувањето, деликвенцијата, миграцијата…

Затоа НРЦ ги поддржува сите иницијативи за воведување на образованието на возрасни заради елиминирање на алармантната бројка од 173.000 неквалификувани работоспособни луѓе, меѓу кои голем број Роми.

НРЦ смета дека е потребна дистрибуција на вистинската информација за културата и историјата за Ромите, пред се меѓу наставниците и родителите. Тоа може да доведе до зајакнување на релацијата помеѓу сите родители и да иницира позитивна комуникација.

Она на што треба интензивно да се работи во иднина е креирање на политика и создавање услови за зголемен процент на ромски деца во градинките, овозможување детски додаток и за корисниците на социјална помош, воведување факултативна настава на ромски јазик од прво до четврто одделение, вработување на ромски наставен кадар кој во моментов се игнорира, заживување на стратешкиот план за отворање на катедра за ромски јазик, култура и историја.

Македонија, во поглед на прашањето на образованието на Ромите, треба да ги следи и да ги применува меѓународните искуства и практики, но и да се обврзе тоа да го спроведе во практика.

Кампањата е поддржана од Претседателот на Република Македонија, Премиерот, Министерството за образование и наука, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на националностите, Бирото за развој на образование, Државниот Просветен Инспекторат, градоначалниците на градовите вклучени во кампањата.

Се надеваме на соработка за надминување на проблемите на Ромите во образованието и достигнување на европските стандарди. Сето тоа е значајно за нас Ромите, како и за сите граѓани на Македонија за влез во Европската унија и Евроатланските структури.

Со почит,
Национален Ромски Центар

Материјали од прес

Оглас за медијатори

Почитувани кандидати,

ЗГ „Национален Ромски Центар“ (НРЦ) од Куманово во рамките на проектните активности Кампања за вклучување на децата во образованието објавува оглас со кој се повикуваат сите заинтересирани лица да се пријават.

ЗГ „Национален Ромски Центар“ (НРЦ) од Куманово има потреба од 15 лица кои ќе бидат ангажирани како медијатори – посредници помеѓу локалната самоуправа, образовните институции и родителите.

Заинтересираните кандидати ќе бидат ангажирани 10 месеци и ќе треба да преземаат активности во рамки на проектот Кампања за вклучување на ромските деца во образованието. Проектните активности ќе се одвиваат во 11 градови во Р.Македонија (Куманово, Прилеп, Скопје, Кавадарци, Битола, Кочани, Тетово, Крива Паланка, Виница, Велес и Штип).

Заинтересираните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:

  • задолжително познавање на ромскиот јазик
  • средно завршено образование
  • искуство во работа со ромската заедница или НВО (активни во работа со ромското население)
  • познавање на работа со компјутер (MS Office, e-mail)
  • организациски способности и тимска работа во мултиетничко опкружување.

Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани да се пријават. Познавањето на англискиот јазик ќе се смета за предност во текот на конкурсот.

Огласот трае пет (5) дена од денот на објавување.

Сите заинтересирани кандидати треба да испратат мотивационо писмо и кратка биографија (CV), на следната е-маил адреса: konkurs % nationalromacentrum.org или по пошта на адреса:
ул „Доне Божинов“ 11/5,
1300 Куманово.

НРЦ повикува за заштита на правата на детето

Почитувани,

Национален Ромски Центар (НРЦ), реагираат по повод видео клипот објавен во месец ноември 2006 година на порталот Кајгана во категоријата наловена хумор и сатира, а неофицијално дознаваме дека истата снимка се наоѓа кај некои сопственици на мобилни телефони. Видео клипот објавен на македонскиот сајт Кајгана, и ваквото претставување во медиумите на децата претставува грубо кршење на правата на детето. Најостро го осудуваме ваквиот акт и бараме да се откријат виновниците и сите оние кои се вмешани во случајот на било кој начин. Бараме да се спроведе истрага за да се открие идентитетот на детето, и идентитетот на сторителите.

Денес е 20 ноември, Светски ден на детето, а Република Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и е обврзана да ги почитува правата и обврските кои потекнуваат од неа. Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето во 1993 година, а во 2003 и двата факултативни протоколи на Конвенцијата.

Во таа функција Ве потсетуваме на:

  • член 3 од Конвенцијата за правата на детето
  1. Во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.
  • член 16 од Конвенцијата за правата на детето:
  1. ниедно дете не смее да биде изложено на произволно или незаконско мешање во неговата приватност, семејство, дом или личната преписка, ниту на незаконски напади на неговата чест и углед.
  2. детето има право на законска заштита против таквото мешање или напади
  • член 23 од Конвенцијата за правата на детето
  1. Државите-членки признаваат дека детето со ментални или физички пречки во развојот треба да ужива целосен и достоен живот, во услови со кои се обезбедува неговото достоинство, се поттикнува самостојноста и се олеснува активното учество на детето во заедницата.

Со ваков пристап во работата на медиумите и објавување на настани и материјали на WEB страни, се нарушуваат основните права на детето кои се загарантирани и со националното законодавство и со меѓународните инструменти за правна заштита. Сите релевантни субјекти во Република Македонија треба да помогнат во документирање на насилството, заштита на детето, откривање на идентитетот на сторителите и сите вмешани лица во случајот.

Со почит,
Ашмет Елезовски

« Previous Page