Евалуација

Вовед

Водени од мотото дека образованието е клучот што ги отвора вратите кон подобар живот, Националниот Ромски Центар ја организираше Кампањата за образование на Ромите (Мобилизација на Ромските родители да ги пратат децата во редовни училишта) во периодот јануари - октомври 2006, со финансиска поддршка од Ромскиот Едукативен Фонд.

Состојбата на Ромите во образованието е причинско - последична врска каде што на секоја страна од триаголникот се наоѓаат родителите, училиштето и државните институции. Најважната страна сепак е онаа на родителите. Од нив зависи дали децата ќе бидат вклучат во образовниот процес и колку успешно ќе биде сторено тоа. Затоа и најважната работа на НРЦ во кампањата беше да работат со родителите.

За време на шестмесечната реализација на првиот дел од кампањата заклучивме дека ќе биде особено значајно да работиме со родителите на децата кои треба да се запишат во подготвителна година и прво одделение во учебната 2006/2007 година.

Според новите законските одредби, согласно законот за децентрализација „Основното образование трае девет години и, по правило, е задолжително за сите деца на возраст од шест до петнаесет години. Предучилишното образование е задолжително за сите деца. Предучилишното образование е во надлежност на општината, додека МОН е одговорно за образовните програми. Министерството за труд и социјална политика не е веќе надлежно за предучилишното образование“. Според новите одредби, распределбата на средствата кои што ги вклучуваат блок-дотациите се заснова на формула и се одредува во согласниот со фазите на фискалната децентрализација. Формулата се заснова врз бројот на учениците во основните и во средните училишта на територијата на општината.

НРЦ сметаше дека во претстојниот период ќе биде значајно да се работи со најмалите (на нивно интензивно вклучување во образовниот процес). Затоа во периодот Август - Октомври реализиравме три месечно продолжување на кампањата што ги опфаќаше ромските деца што требаше да се запишат во подготвителна година и прво одделение, како и нивните родители и сите околни фактори (училишта, институции, медиуми).

Генералниот заклучок е дека во однос на минатата година уписот на децата во прво одделение во Скопје, Прилеп и Куманово е зголемен за 50%. Од друга страна податоците на НРЦ укажуваат на податокот дека најмалку 1000 деца сеуште се надвор од образовниот процес.

За реализацијата на овие активности добивме поддршки од неколку општини, но сметаме дека особено значајна е поддршката што ја добивме од Филозофскиот Факултет во Скопје (досега претставниците од високото образование не покажуваа интерес за кампањските активности и покрај тоа што редовно беа информирани). Поддршките може да се проследат како Анекс 1.

Mетодологија

Кампањата во целокупната реализација (Јануари - Октомври 2006) беше насочена кон три главни целни групи:

  1. Родителите и нивните деца
  2. Владините институции, училиштата и локалната самоуправа
  3. Македонските медиуми

Притоа, за остварување на целите во однос на овие целни групи беа користени следниве методи:

  1. Директни контакти (посети дома) - при што теренските едукатори разговараа со родителите Роми во Скопје, Прилеп и Куманово, ја пренасаа пораката на кампањата директно до нив и им нудеа асистенција за упис на нивните деца на училиште. Во првиот дел од кампањата беа посетени вкупно 10.500 ромски семејства, додека во вториот повторно беа посетени 808 ромски родители кои имаат деца кои во учебната 2006/2007 требаше да се запишат во подготвителна година и прво одделение.
  2. Пополнување и обработка на прашалници - Во првиот дел од реализацијата на кампањата сите ромски семејства (10.500) пополнија прашалник за процена на состојбата со образованието на Ромите во трите градови.
  3. Индиректни контакти преку пошта - На сите родители за кои имавме податоци дека имаат деца за упис во подготвителна година и прво одделение им испративме писма во кои ги информираме за значењето на образованието и задолжителноста на учеството во образовниот процес.
  4. Директни советувања - секојдневно во канцеларијата на НРЦ доаѓаа луѓе на кои им нудевме совети и асистенција. Ваква активност се одвиваше и телефонски за жителите на другите градови.
  5. Медиумска активност - овој метод на работа се покажа како особено корисен за постигнување на целите на кампањата. Во текот на целата кампања беше ангажирана Медиумска Лоби Група која успеа да ги опфати и електронските и печатените медиуми, постојано пласирајќи информации и позитивни приказни за образованието на Ромите. Нивната активност делуваше и на другите македонски новинари кои пласираа позитивни информации за Ромите.
  6. Работилници за новинарите - во текот на кампањата беа реализирани две работилници на кои присуствуваа македонски, ромски и албански новинари кои дискутираа за пристапот кон ромската проблематика, со акцент на образованието на ромските деца. На втората работилница новинарите креираа медиумска стратегија за позитивен пристап.
  7. Посета на 17 основни училишта во Скопје, Прилеп и Куманово - директните посети во училиштата во вториот дел од кампањата беа искористени за поставување основа за соработка, за презентација на кампањата и интересот за вклучување на ромските деца во училиштата. На училиштата им е понудена асистенција во релацијата со родителите. Притоа беше анализирана застапеноста на Ромските деца во образованието во однос на минатата година.
  8. Константно информирање на претставниците на владините институции, училиштата и локалната самоуправа - во реализацијата на кампањата постојано праќавме информации преку електронска пошта, преку факс и по пошта.

Ефективност

Одговарање на поставени цели во првиот дел од реализацијата на кампањата и во нејзиното продолжение.

1. Мотивирани ромски родители кои ги запишуваат нивните деца во подготвителна и прво одделение

1.1. Асистирање на родителите во запишување на нивните деца на училиште

При реализацијата на првиот дел од кампањата создадовме своја дата база на податоци што вклучува информации за повеќе од 50% од ромските семејства во Куманово, Прилеп и Скопје. Врз основа на тие податоци ги издвоивме семејствата во кои има деца на возраст од 5, 6 и 7 години и подготвивме списоци за посета на нивните домови.

Праќање официјални писма на родителите - И покрај тоа што не беше планирано според проектот, проценивме дека кај ромската популација позитивно ќе делува упатување на официјално писмо во кое ги информираме родителите дека е време нивните деца да бидат запишани на училиште и воедно ги повикавме да ни се обратат доколку им се потребни дополнителни информации или асистенција. Во писмата за родителите кои имаат деца на возраст од 5 и 6 години, особено беше нагласено дека подготвителното образование е задолжително и дека треба да ги запишат нивните деца на училиште. Вакви писма им беа испратени по пошта на повеќе од 500 ромски семејства.

Наидовме на голем проблем - мигрирање на ромските семејства од еден град во друг. Голем број од писмата се вратија назад во организацијата, што од друга страна значи дека со тоа се менува и бројот на ромските деца и учениците.

Посети дома - Со оглед на искуството од реализацијата на првиот дел од кампањата кога во Скопје се соочивме со потешкотии и недоволна сериозност кај анкетарите, во вториот дел од активноста се одлучивме да ангажираме повеќе теренски мотиватори од Куманово за кои во неколку наврати организиравме групен превоз до Скопје и до Прилеп. На тој начин обезбедивме целосна посетеност на семејствата. Во Куманово беа ангажирани истите мотиватори од првата посета, поради стекнатата доверба меѓу семејствата.

Пред почетокот на посетите организиравме тренинг за мотиваторите при што ги упативме во целта на посетите, начинот на кој да им понудат асистенција на родителите, како и податоци за училиштата во кои може да ги запишат нивните деца. За време на посетите теренските едукатори имаа готови списоци со имиња на родителите и децата, како и нивните адреси, што ги дополнуваа откако ќе дојдеа до нови евидентирани семејства во кои има деца што треба да се запишат во подготвителна и во прво одделение. Примероци од списоците се доставени во извештајот како Анекс 3.

При посетите наидовме на поголем број на семејства во кои има деца за упис во подготвителна и прво одделение. Поточно бројката од 500-ни семејства беше зголемена на 808.

По испратените писма и по реализираните посети канцеларијата на НРЦ беше преполнета од заинтересирани родители. Во текот на разговорите со нив се појавија проблеми во Куманово и во Прилеп.

Проблем во Куманово - Имено, во Куманово родителите од населбата Средорек инсистираа нивните деца да бидат запишани во О.У. „11 Октомври“ каде што поради големиот број на ромски ученици се создаваат чисти ромски паралелки. Тие го бираат ова училиште поради близината до населбата, како и поради фактот дека најголемиот дел од ромските деца од овој дел на градот учат таму. За да се избегнат создавања на чисти етнички групи и училишта, ние им посочувавме на родителите да ги запишат во малку подалечните „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“. Тие се наоѓаат на оддалеченост повеќе од еден километар, со густ сообраќај на релација до училиштето. Поради тоа, родителите не сакаат да земат обврска секојдневно да ги носат децата до училиште и најголем проблем им е далечината.

Во меѓувреме беа создадени сите услови за децата да бидат примени во овие две училишта. На општинско ниво беше направен договор меѓу трите училишта за распределба на учениците. Вратата на другите две училишта беа отворени за ромските ученици. Во „11 Октомври“ веќе беше пополнета квотата за упис на нови ученици. Меѓутоа и покрај се, многу мал број родители ги запишаа нивните деца во другите две училишта.

Во разговор со родителите, проценивме дека тие би ги запишале децата во другите две училишта доколку има обезбедено превоз за нив.

За децата - Роми нема место во кумановските училишта!
Од деветте основни училишта во Куманово ниту едно не сака да ги запише педесетината деца од населбата Средорек

Столе Божиновски

КУМАНОВО - За педесетина деца-Роми од кумановската населба Средорек деновиве нема место во ниедно од деветте основни училишта во градот. Конкретниот случај го актуализираа ромските невладини организации кои вршат притисок врз локалната самоуправа да им наложи на основните училишта да го почитуваат законот и да прекинат со тивката дискриминација кон Ромите. „Со проблемите на Ромите во Куманово се занимаваат седум ромски невладини организации, од кои две „специјализирани“ за проблемите од образованието, меѓутоа гледате што се случува“, вели Ашмет Елезовски, еден од поборниците за поголеми права на Ромите во Куманово.

Пред влезот на Основното училиште „11 Октомври“ во близина на населбата Средорек секојдневно можат да се видат група Роми кои инсистираат да ги запишат своите деца. „Во Куманово е познато дека ние неофицијално сме ромско училиште“, вели директорот на училиштето, Круме Младеновски, кој моментално е единствен човек од образованието подготвен да говори отворено за овој проблем. Тоа училиште со години наназад постојано е „пребукирано“ со ученици-Роми, бидејќи другите, особено т.н. „елитни“ - „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, практикуваат прикриена дискриминација на децата од ромската популација. Начинот на дискриминација е перфиден, а го практикуваат и наставниците и родителите, кои нерадо се согласуваат нивните деца да учат со Ромчиња. „Таа прикриена дискриминација од лани наваму влезе и во „најромското“ основно училиште „11 Октомври“, бидејќи под притисок на родителите со закана дека ќе ги испишат децата, моравме да формираме етнички чисти паралелки со ученици- Македонци и ученици-Роми“, вели директорот Младеновски.

Вчера во неговата канцеларија продефилираа повеќе Роми со молба да си ги запишат децата непожелни во другите основни училишта во градот. „Моите две деца, на 12 и 13-годишна возраст учителката ги избрка минатата година без да ми даде никаков документ дека се избркани поради тоа и тоа од ОУ „Христијан Карпош“ “, вели Решат Шаиновски, татко на шест деца кој и самиот има само три одделенија основно образование.

Во прилог на информацијата за формирање чисти етнички паралелки оди објавената информација за пет првачиња од ромска националност кои се распоредени во посебна, етнички чиста паралелка во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар, затоа што ниту еден од наставниците во другите одделенија не прифаќаат овие деца да учат кај нив.

Проблем во Прилеп - Во Прилеп се јави сличен проблем. Сите ромски ученици се запишуваа во О.У. „Добре Јованоски“ и покрај тоа што „Кире Гаврилоски Јане“ не се наоѓа далеку од ромската населба и вратата на училиштето се отворени за овие ученици. Дури ветуваа дека ќе им обезбедат учебници. Во овој случај, проблемот повторно беше кај родителите, кои инсистираа нивните деца да се запишат во училиштето каде што учат сите други ромски ученици.

За решавање на овие проблеми организиравме средби во Министерството за образование и Управата за развој на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, при што им го презентиравме проблемот и побаравме да се изнајдат начини за негово надминување. Она што беше постигнато се однесува исклучиво на училиштата, кои по оваа реакција целосно ги отворија вратите и изразија подготвеност да ги примат децата. Но, повторно не беше преземено ништо во поглед на работата со родителите.

Трошоци за медицински потврди - Во овој период на упис на децата во училиштата се појави уште една потешкотија. Сите деца кои се запишуваа во подготвителна година, требаше да одат на лекарски преглед и да добијат потврда дека се медицински подготвени за да посетуваат училиште, за што требаше да платат по 200 мкд. Голем број од родители не беа во состојба да ги издвојат тие средства за потврдите. Ние упативме официјално барање до Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, за толеранција во однос на примателите на социјална помош. По реакцијата, децата добија потврди и се запишаа во училиште.

Образование во малите етнички заедници

Ромите не сакаат само проекти, туку интеграција

Љубица Гроздановска

Се викам Рамче, ме викаат Џамче. Зошто? Затоа што повеќе сум гол отколку облечен, живеам во куќа, поточно колиба направена од картон, живи тули и плех… Ќе ви кажам една тајна, во земјата закопав тегла и во неа кријам пари. Сакам да соберам многу за да и купам на мојата сестричка инвалидска количка… По осмо одделение навистина не знам што ќе работам. Сакам да бидам молер и се да обелам во бело, па и јас да бидам бел. Понекогаш мислам дека луѓето не ме сакаат оти сум црн. Но, што можам јас, баба вели дека нашиот Бог е црн… Јас сум Рамче, поточно Џамче, низ моето џамче ја гледам мојата иднина.

Ова е извадок од есеј на ученичката Елена Накова од Штип на тема „Како е да се биде Ром на училиште, дома и во општеството“, награден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Ситуацијата не е поразлична од оваа што во својот есеј ја опишала ученичката од Штип. Тоа го потврдуваат невладините организации на Ромите во Македонија.

Кај 70 отсто од околу 200 ромски семејства од Куманово, Скопје и од Прилеп постои силна волја децата да се школуваат, но немаат пари за тоа. Се уште останува сликата Ромчињата да бидат дискриминирани, како од нивните соученици, така и од наставниците. Државата има стратегија како да се подобрат условите на Ромите, но не ја остварува во практика. Имаме само куп хартии како да се направи тоа, но нема никаква координација меѓу институциите - вели Ашмет Елезовски, координатор на кампањата „Клучот е во ваши раце“ на невладината организација Национален ромски центар од Куманово.

Членови на невладини организации за заштита на правата на Ромите сметаат дека граѓаните од ромска националност се маргинализирани и за таквиот третман ја обвинуваат државата. Други тврдат дека состојбата не е толку очајна и оти работите од година во година се подобруваат.

Гетоизација на Ромите

Ромите се оставени сами на себе и државата ги гетоизира во одделни населби, смета Љатиф Демир, член на Европскиот ромски форум. Тој, повикувајќи се на Уставот ги обвини државните институции дека не ги почитуваат правата на Ромите.

Учениците Роми го напуштаат училиштето по четврто одделение зашто потоа немаат настава на ромски јазик. Мора да учат на македонски, иако во Уставот им е загарантирано правото да учат на својот мајчин јазик - вели Демир.

Тој му забележа на Министерството за образование дека во учебниците по историја не се вметнати и културата, традицијата и историјата на ромскиот народ, со критички став дека „повеќето граѓани во земјава сметаат оти Ромите немаат сопствена историја“.

Како може луѓето да кажат дека ние немаме сопствена историја? Зарем 18 милиони луѓе во светот не се доказ дека Ромите имаат своја традиција? Затоа нашите власти треба да преземат активности со кои поагресивно ќе влијаат на свеста на Ромчињата за нивната традиција и култура - смета Демир.

Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар од Куманово смета дека работите одат на подобро иако во пракса малку се остварува:

Македонија треба да биде горда со ромскиот народ и во нас да гледа богатство. Добро е што Ромите од Македонија полека се вклучуваат во европските активности, како на пример во проектите на Советот на Европа во Стразбур. Така, во Европскиот ромски форум имаме пет делегати, кои работат на правата на Ромите во Македонија.

Стипендии за стимулација

Од малцинствата, најмногу децата од ромската националност го напуштаат образованието. Следуваат деца од турска, албанска националност и дел од Македонците-муслиманите, тврди Драган Недељковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на јазиците на етничките заедници при Министерството за образование.

Сиромаштијата и стапувањето во брак на рана возраст се главните причини зошто Ромчињата го напуштаат училиштето. Тоа е честа појава кај децата во седмо и осмо одделение.

Недоволното познавање на македонскиот јазик е дополнителна причина и тоа најчесто се случува по завршување на четвртото одделение. Никој нема конкретен број на децата што го напуштиле училиштето, дури ни Заводот за статистика. Но, грубо кажано, најголемо осипување има кај Ромите. Така, на пример, има случаи кога во прво одделение се запишале 100 ученици, а во петто 50 веќе се откажале.

Основното образование е загарантирано со Устав и родителите може да бидат казнети ако не ги пуштаат децата во училиште. Недељковиќ вели дека досега немало такви случаи и оти на родителите им било „прогледано низ прсти“.

Прво следуваат усни опомени, па парични казни, но и затворски казни. Но, законот не се почитува и досега гледавме низ прсти. Ќе се постигне спротивен ефект ако родителите одат во затвор. Државниот просветен инспекторат треба да преземе поконкретни мерки.

Управата од минатата година почна со стипендирање на средношколци-Роми како поттик да се зголеми опфатот на децата во образованието. Засега тие ќе се финансираат од донатори зашто според Недељковиќ, државата нема пари во буџетот за такво нешто.

Лани стипендиравме 267 средношколци-Роми во прва година и тоа даде многу добри резултати. Годинава го продолживме проектот и сега ги стипендираме и учениците од трета и четврта година. Дадовме 640 стипендии од по 48 евра месечно, за десет месеци. Опфатени се сите средношколци Роми. Ако лани имавме 267, годинава имавме 513 запишани ученици. Стипендијата беше „мотор“ за поголем опфат. Во основно немаме ваква стимулација, но УНИЦЕФ лани подари 1.000 комплети книги и училиштен прибор за тие што ќе се вратат во училиште. Така, оние од основно одат во училиште затоа што знаат дека во средно ќе добиваат пари за школувањето. Ова е проект што ќе трае седум-осум години. Се надевам дека ќе најдеме донатори за уште една генерација. Потоа Македонија ќе стане дел од ЕУ и ќе има пристап до фондовите.

1.2. Да се обезбедат училишни торби за 2000 ромски ученици

Планирана беше дистрибуција на 2000 торби и тимот на НРЦ пред да почне со дистрибуцијата на ранците донесе одлука да оддели од лични средства доколку се јавеше потреба за дополнителна набавка, само да се зголеми опфатот на ромските деца во училиштата.

Торбите беа набавени во два наврата, првин 1625 ранци, по што самите училишта и невладини организации не контактираа со списоци на ученици, по што набавивме уште 296, со што вкупната бројка е 1921.

Торбите во трите градови беа дистрибуирани на разни начини. Во Куманово, граѓаните доаѓаа во нашата канцеларија со потврди од училиштата. Во Скопје ги носевме делумно во училиштата, а делумно беа дистрибуирани во НВО ЕСМА и НВО ЛИЛ, како нивни соработници. Во Прилеп ранците беа делени преку НВО РОМА СОС.

Во прилог на извештајот ќе бидат доставени сите списоци на учениците на кои им беа поделени ранци.
Дистрибуцијата на ранци се покажа особено значајна за мотивација на родителите и учениците. По завршувањето на дистрибуцијата, направивме споредба на запишаните ромски ученици во последните две години.

Имено, според Министерството за образование на Македонија, во учебната 2005/2006 година, во Скопје се запишале 304 ромски ученици. Според податоците на НРЦ, базирани на школски потврди од ученици кои се запишани во 2006/2007 година, годинава се запишале 484 ромски ученици во 9 основни училишта во вкупно 69 училишта во Скопје. Тоа значи дека бројот на ромски ученици запишани во прво одделение за една година се зголемил за 59,2%. Во Прилеп бројот на запишани ученици е зголемен за 50,4%, а во Куманово за 43,4%. Притоа, напоменуваме дека нашите податоци не се целосни поради опфатот на 9 од вкупно 69 основни училишта, што значи дека бројот на запишани ромски првачиња е поголем.

Со почетокот на дистрибуцијата на ранците дојдовме до бројка од 1261 дете запишано во подготвителна година и во прво одделение. Бројот на набавените ранци беше поголем и не сакајќи да ги оставиме неискористени се обративме до училиштата со барање да ни посочат деца од повисоките одделенија кои не се во состојба (или немаат) ранци, па 1921 ранци беа поделени на овие деца.

Прво одделение Скопје Прилеп Куманово
Учебна 2005/2006 304 103 99
Учебна 2006/2007 484 155 142
Пораст 59,2% 50,4% 43,4%

Според податоците на Министерството за образование и наука, во учебната 2005/2006 година, во Скопје, во подготвителна година се запишале 330 деца од ромска националност, а во 2006/2007 година според податоците на НРЦ се запишале 635, што значи дека во Скопје имаме пораст за 92,4%. Во Прилеп порастот е минимален, а во Куманово имаме негативен процент поради проблемот со истурените паралелки кои минатата година функционираа како дел од редовниот образовен процес, а оваа година се укинати (стануваше збор за група од 40 деца).

Подготвителна Скопје Прилеп Куманово
Учебна 2005/2006 330 50 104
Учебна 2006/2007 635 52 88
Пораст 92,4% 4% -15%

НРЦ упати јавен повик и достави писмо до УНИЦЕФ со барање да се приклучи кон поддршката на овие ромски ученици и да помогне со донирање школски материјали и учебници, меѓутоа на нашето барање не добивме никаков одговор. Писмото е приложено како Анекс 2.

Како прилог на извештајот доставуваме дел од списоците изготвени ри дистрибуцијата на училишните ранци, како Анекс 3.

1.3. Да им се помогне на ромските деца да извадат лична документација преку одреден фонд

Во поглед на ова прашање се соочивме со компликувани случаи, што останале нерешени години наназад. Се нафативме да ги разрешиме, но притоа напоменуваме дека очекувавме дека со тој фонд ќе бидат разрешени поголем број случаи. Меѓутоа, поради компликуваноста, средствата беа доволни за решавање на 9 случаи. Притоа, се појавија проблеми каде што целото семејство нема лични документи, вклучувајќи ја тука мајката. Ние моравме да ги средиме првин документите на мајката, за да може да создадеме услови за средување на документите на детето. Во одредени случаи, соработувавме и со Сектори за лични документи надвор од државата, а се соочивме со особено компликуван случај во Прилеп.

Со ова сметаме дека е даден допринос во поглед на решавањето на сложени случаи, што од страна на други проекти и институции секогаш биле оставани на страна, но од друга страна сметаме дека е незадоволителен бројот на случаите (а со тоа и деца кои имаат документи за да се запишат на училиште) што се разрешени со овој проект.

Во прилог на извештајот ви доставуваме комплетна документација на разрешените случаи и случаите што се во тек. Во Анекс 4 се доставени и други проблематични случаи на кои треба да се работи.

Нашата анализа при работата со личните документи покажа дека постојат уште повеќе од 1000 деца кои поради недостиг на лични документи се наоѓаат надвор од образовниот процес.

Националниот Ромски Центар од Куманово апелира

Упис и за Ромчињата без документи

Основните училишта во Скопје, Куманово и во Прилеп на 1 Септември да ги отворат вратите за околу 2.000 првачиња од Ромска националност и да ги запишат сите деца на шест годишна што немаат лични документи и чии семејства немаат пари да ги школуваат своите деца. Вака до градоначалниците и до директорите на осмолетките апелираат од Националниот ромски центар од Куманово. Ромскиот едукативен центар од Будимпешта го подржува апелот и се надева дека локалните власти ќе имаат слух за овој проблем. Анализите на Центарот покажале дека 400 до 2.000 Ромчиња што во петок треба да тргнат в училиште не се запишани во книгата на родените и немаат лични документи. Таму велат дека повеќето семејства не сакаат да ги пуштат децата в училиште бидејќи немаат пари. Отежнатиот пристап до училиштата, послабиот квалитет на наставата за децата Роми, како и традиционалниот став дека децата треба да стапуваат во бракови од рана возраст се останатите причини поради кои, од година на година, според Националниот ромски центар, се намалува бројот на ученици - Роми. Тие велат дека лани во прво одделение биле запишани само 145 деца.

Доволно е кажано дека децата од Ромска националност го напуштаат образованието во четврто одделение и доста беше со проекти што треба да помогнат како нив да ги вратиме во училиште пак. Проблемот со образованието на Ромите треба да се решава уште кога тие се на предучилишна возраст. Затоа бараме локалните власти и директорите на осмолетките да ги примаат сите Ромчиња - првачиња. Во меѓувреме, ќе ги извадиме личните документи за тие што не се евидентирани - вели Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар.

Дека немањето лични документи е еден од поголемите проблеми поради кој децата од ромска националност не се запишуваат в училиште потврдува и Драган Недељковиќ, директор на Управат за развој и унапредување на образованието на етничките заедници при Министерството за образование
Презедовме акции за евидентирање на граѓаните од ромска националност. Но, од тоа ништо не е направено зошто државата немаше пари. Сега се на потег ромските невладини организации, зошто имаат пристап до странски фондови и лесно може да дојдат до пари и да го решат овој проблем - смета Недељковиќ

Љубица Гроздановска

1.4. Да се прикаже документарниот филм на почетокот на школската година

Документарниот филм беше промовиран во септември на јавна промоција по што на крајот на месецот беше прикажан прв пат на националната ТВ Сител. Во текот на октомври филмот беше пратен на 18 локални телевизии во поголемите градови во Македонија. На тој начин постигнавме голем процент на гледаност, опфативме поголема публика и добивме позитивни реакции.

Филмот беше промовиран и преку бројни гостувања во утрински телевизиски програми, прилози во весници и во информативни програми, преку што беше промовирана идејата и самиот филм. Во прилог на извештајот ви доставуваме ДВД компилација од сите наши гостувања по телевизиските програми и поголемиот број прилози посветени на кампањата.

Доказ за квалитетот и гледаноста на филмот е освоената награда за најголемо телевизиско остварување од ОН, доделено во октомври.

По повод денот на ООН

Доделени награди за новинарство и фотографија

Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија ги додели наградите за новинарство и фотографија, на тема сиромаштија во земјата.

Годинава доделени се следните награди:

  • Прва награда за најдобра сторија објавена во печатен медиум ја доби Тодор Стојчевски за сторијата со наслов „Образование за ромска ренесанса“, втората Љубица Гроздановска за сторијата со наслов „Деца аргатуваат за 100 денари“, а третата Маја Томиќ за сторијата „Да не се добрите луѓе досега ќе умревме од глад и студ“.
  • Наградата за најдобрата ТВ сторија ја доби Драган Антоновски за документарецот Клучот е во вашите раце“, а наградата за најдобрата радио сторија - Белинда Кока за прилогот „Сиромаштија“.
    Наградата за најдобра фотографија ја доби Томислав Ѓорѓиев.

Наградите беа доделени на приемот во хотелот „Александар палас“ организиран по повод Денот на Обединетите нации.

Преку филмот сакавме да испратиме јасна порака до целокупната македонска јавност дека Ромите можат и знаат да се школуваат и да остварат јасни позитивни резултати.

Во документарниот филм се направени неколку интервјуа со познати, истакнати Роми од Македонија и пошироко: Николае Георге (ОСЦЕ ОДИХР), Рутко Кавчински (ЕРТФ), Мартин Демировски (асистент во Европски Парламент), Шаип Јусуф (авторот на првата ромска граматика), а главниот лик во филмот е Васка Б. Мустафа (советник на Народен Правобранител).

Снимањето беше подолготрајно од планираното, поради зафатеноста на интервјуираните.

Во поглед на снимањето песна што беше предвидено за првата половина од проектот, направивме промена во поглед на намената на песната. Имено, во договор со композиторот Валентино Скендеровски и режисерот Драган Антоновски договоривме песната да не биде вметната во филмот, поради богатата говорна содржина. Затоа снимивме посебна кампањска песна, насловена DZAN (Оди) со вокалистката Техамана Скендеровска, што ја пративме на повеќе локални радио станици и ја користевме при јавни настапи.

Во текот на реализација на кампањата добивме понуда од Хрватската телевизија да бидат наши гости, да ги информираме за кампањата и воопшто за образованието на Ромите во Македонија. За време на нивниот петдневен престој во Македонија ги посетија сите организации и поединци за кои ние сметавме дека се значајни за образованието на Ромите и собраа информации за нашата активност. Информацијата за Образованието на Ромите беше емитувана во рамките на мултиетничката емисија „Призма“ на Хрватската Телевизија.

Ваквата иницијатива и понудените информации беа поттик и за едно словенечко и две белградски радија да не контактираат и да бараат информации за активностите во поглед на подобрувањето на образованието на Ромите во Македонија.

1.4. Да се проверат постигнатите резултати

Во текот на месец ноември работевме на обработка на податоците од целата кампања.

Во првиот дел од анкетирањето опфативме вкупно 10.974 жители или 2.910 семејства на Куманово, Прилеп и Скопје.
Притоа, од нашите истражувања, наидовме на следните показатели.

Образовна структура на анкетирани Роми од Куманово, Скопје и Прилеп.

Табела 1 - Завршено образование
  Машки Женски Вкупно Процент во однос на сите анкетирани на возраст над 7 години
Основно 1180 1519 2699 28,98%
Средно 198 518 716 7,7%
Високо 7 8 15 0,16%


Табела 2 - Тековно образование
  Машки Женски Вкупно Вкупно за одредување процент Процент
Предшколско 181 222 403 1217 (од 3-5 години) 33,11%
Ученици 818 1006 1834 2479 (од 7-15 години) 73,98%
Средношколци 73 138 211 1297 (15-20 години) 16,26%
Студенти 10 17 27 2176 од 20-30 години) 1,24%


Табела 3 - Неписмени
  Машки Женски Вкупно Процент во однос на сите анкетирани на возраст нас 7 години
Неписмени 1090 728 1818 19,52%
Полуписмени 902 931 1833 19,68%
Непознато 286 248 534 34,94%

Од податоците што ги добивме од нашите анкети произлегува дека од вкупно 5283 родители, 1193 се неписмени, а 1311 се полуписмени, што значи дека 47% од родителите не се во можност да им помогнат на своите деца во завршувањето на училишните обврски.

Услови за образование на ромските ученици

Процентот е пресметан во однос на вкупниот број на 1269 анкетирани семејства каде што има ученици.

Дали децата поседуваат посебна просторија за учење?   Процент
Да, имаат посебна соба за учење, со соодветна маса за секое дете и не ја користат и за учење и за играње 182 14,34%
Да, но нема простор за сите деца, така што мора да се менуваат при учење 99 7,80%
Да, но собата истовремено се користи и за другите намени 231 18,20%
Не, но има посебен дел од собата каде што децата можат да учат 136 10,71%
Не, но кога детето треба да учи, семејството создава простор за него 299 23,56%
Не, нема простор каде што може детето да учи 322 25,37%

Во 25,37% од анкетираните семејства децата воопшто немаат услови за учење затоа што во истата соба живее целото повеќечлено семејство и тука се изведуваат сите животни активности. Со тоа, се намалува бројот на потенцијални добри и редовни ученици.


Дали децата поседуваат учебници и училишен прибор?   Процент
Да, децата ги имаат основните материјали 261 20,56%
Да, децата ги имаат основните материјали, но не сите 268 21,12%
Децата имаат само дел од потребните материјали 210 16,54%
Децата имаат само мал дел од потребните материјали 369 29,08%
Не, немаат ништо 161 12,68%

29,09% од анкетираните ученици имаат само мал дел од потребните материјали, што во најголем дел вклучува 2-3 тетратки и молив.


Дали се прифатени од страна на децата во училиште?   Процент
Да, тие се чувствуваат дека се прифатени, имаат другарчиња не-Роми и се социјализирани меѓу нив 791 62,33%
Да се чувствуваат делумно прифатени, имаат неколку другарчиња не-Роми, но постојат јасни пречки во нивната комуникација 266 20,96%
Тие се прифатени делумно – не се чувствуваат отфрлени во училиштето, но немаат другарчиња не-Роми 153 12,05%
Се чувствуваат како неприфатени во школото 49 3,86%

поголем дел од ромските ученици се чувствуваат прифатени од страна на другите деца, но тоа не е случај со сите.


Дали се прифатени од страна на наставниците во училиштето?   Процент
Да, наставниците се однесуваат кон нив како со сите други деца 866 68,24%
Да, тие се делумно прифатени, но наставникот не отстапува дополнително време за работа со ученикот 280 22,06%
Наставникот не го навредува ученикот, но секогаш го остава настрана и во последна клупа 72 5,67%
Се чувствува неприфатено, наставникот го навредува со неговиот однос 51 4,01%

најголем дел од ромските ученици се чувствуваат прифатени од страна на наставниците, но голем е и бројот на оние кои тврдат дека наставникот не одвојува дополнително време за да работи со него/неа.


Дали родителите се заинтересирани за продолжување на образованието?   Процент
Да, сакаат нивните деца да завршат факултет или вишо образование 756 59,57%
Да, сакаат нивните деца да завршат средно образование 346 27,26%
Сакаат нивните деца да завршат основно образование 74 5,83%
Не инсистираат на образование – зависи од интересот на детето 63 4,96%
Не, образованието за нив е непотребен товар, што и онака не им носи ништо корисно во животот 27 2,12%

родителите обично сакаат нивните деца да завршат високо и средно образование, што е охрабрувачки податок со што се руши идејата дека ромските родители не сакаат нивните деца да бидат образувани.


Колку книги има во куќата?   Процент
Ниедна 761 59,96%
1-10 441 34,75%
10-100 49 3,86%
Повеќе од 100 18 1,42%

најголем број од семејствата не поседуваат ниту една книга во семејството, што се одразува негативно на образованието и на чувството за значењето на книгата.


Прашања за родители

  Секој ден Речиси секој ден Понекогаш Никогаш
Неромските ученици се дружат со моето дете 331 307 370 177
Наставникот за време на часот дополнително му помага на моето дете 72 162 642 309
Моето дете добива добри оценки (4 или 5) 172 257 645 111
Моето дете добива лоши оценки (1 или 2) 52 103 473 557
Наставникот останува по часовите за да му помогне на моето дете 26 42 669 448
Неромските ученици се однесуваат лошо со моето дете 21 52 555 559
Наставникот се однесува лошо со моето дете 27 50 468 643
Наставникот сака да разговара со родителите 90 137 839 112
Наставникот му дава можност на моето дете да го каже неговото мислење 151 188 680 168
Моето дете учи дома и ги пишува домашните 538 313 269 397
Моето дете пишува домашни во центрите за поддршка на едукација 183 123 321 558
Моето дете носи книги од библиотека и ги чита дома 146 148 513 378

Од прашањата упатени директно до родителите се создава следната ситуација од нивен аспект: Неромските ученици понекогаш се дружат со ромските деца, наставникот понекогаш дополнително му помага на ромското дете и останува по часовите за совладување на наставниот материјал, неромските ученици понекогаш се однесуваат лошо со ромските деца, наставниците понекогаш ги викаат родителите на разговор и понекогаш му дава можност на детето да го каже неговото мислење, децата секојдневно учат дома и ги пишуваат домашните работи, а тоа никогаш не го прават во центрите и понекогаш земаат книги од библиотека и ги читаат дома.


  Ниеден 1 2-5 Повеќе од 5
Број на телевизори во куќата 118 2585 143 59
Број на бањи во куќата 685 2137 15 68
Број на телефони во куќата 1570 1216 42 77
Број на радио апарати 537 2089 271 5
Број на соби во куќата 23 922 1935 25
Број на компјутери во куќата 2427 70 6 1

Од анализата за домашните услови произлегува дека 5% од ромските семејства немаат телевизор во куќата, 27% од домовите немаат бањи, што значи дека децата немаат услови за одржување хигиена, 63% немаат телефон во куќата, 21% немаат радио, 37% живеат во една соба, а дури 97% немаат компјутер дома. Во однос на другите ученици, со овие услови за живеење ромските деца се во незавидна положба, без основни можности за семејна едукација и надворешни фактори за дополнително образование.


2. Ангажирани основни училишта во уписот на ромски ученици во Куманово, Прилеп и Скопје

2.1. Да се посетат околу 30 основни училишта во трите градови.

Во Прилеп беа посетени 3 училишта од кои во 2 има ромски ученици. Во Скопје се посетени 9 училишта според податоците што тие ни ги доставуваа преку пошта. Во Куманово се посетени сите 6 основни училишта.

Генералниот заклучок е дека постои позитивна енергија и интерес кај училишните управи за вклучување на ромските ученици, но од друга страна постои голем јаз помеѓу самите училишта и ромските родители. Препораката и барањето упатено од страна на училиштата се однесува на асистенција и теренска активност со родителите за да и тие ги прифатат предлозите од страна на училиштата за елиминирање на чистите етнички паралелки.

Преку посетите се информиравме за неколку постојни проблеми во Куманово и во Прилеп, за чие решавање организиравме неколку состаноци и алармиравме по весниците. Во училиштата каде што се запишуваа поголем број ромски деца, се намалуваше бројот на македонските ученици и во тој поглед оценивме дека е значајно медиумското влијание.

Во Скопје тие проблеми се ублажени. Во средините каде што Ромите живеат заедно со другите етнички заедници, ромските ученици се прифатени, редовни и добри ученици.

Евидентиравме проблем во Општината Шуто Оризари каде што еден дел од децата учат во чистото ромско училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ и таму постои задоволителен одзив и редовност на учениците. НО, големо осипување и нередовност се јавува во О.У. „26 Јули“, каде што поголемиот број од учениците се од албанска националност и помеѓу децата, како што потврди и самиот директор, постои нетрпеливост. Ромските деца се запишуваат во овие училишта, но во текот на годината се откажуваат. Овие проблеми биле особено присутни во 2001 година, за време и непосредно по воениот конфликт. Со време, состојбата се подобрува и некогашните 2 паралелки на ромски ученици сега се заменети со 4. И во оваа општина се јавува проблем од типот - родителите инсистираат нивните деца да учат во „Браќа Рамиз и Хамид“ каде што нема доволно место за сите.

За време на посетата и соработката со училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ забележавме дека постојат пропусти во менаџирањето и дека во училиштето има премногу деца за просторот и кадарот со кој располага. Потребна е подобра организација за да се распределат учениците на подобар и поефикасен начин, дополнителни објекти, а и промоција на училиштето заради привлекување на ученици неРоми.

По завчерашниот инцидент во ОУ „26 Јули“, наставата продолжи, но напнатоста останува

Надлежните сакаат да ја забошотат тепачката во Шутка

Жаклина Ѓорѓевиќ

По завчерашната тепачка меѓу ученици-Албанци и Роми во Основното училиште „26 Јули“, во кој беа повредени неколкумина ученици и родители, наставата во училиштето вчера помина без проблеми. Иако дел од родителите-Роми и Албанци, вчера не ги пуштија своите деца на училиште, плашејќи се да не се повтори завчерашниот инцидент, за кој многумина коментираат дека ја одразил меѓуетничката нетрпеливост во овој дел од градот. Никој од очевидците не е расположен официјално да ја потврди тепачката, во која, покрај учениците, се вмешале и родителите, ниту пак да каже детали околу случајот. Пратениците едноставно сакаат да се дистанцираат од случајот, велејќи дека тој треба да се заборави и да не му се дава медиумска важност.

Директорот на училиштето, Раиф Дарлишта, инаку прв братучед на министерот за правда, Исмаил Дарлишта, вчера забрани влез за родителите и сите странки во училишниот двор и внатре во самото училиште, каде што имаше неколкумина полицајци. Тој вчера, како и завчера, кога се случил инцидентот, не беше расположен да објасни како дошло до масовната тепачка во училиштето. Ромите видно вознемирени од случајот, за синоќа, во 19 часот, најавија состанок со пратеникот Неждет Мустафа и градоначалникот на Шуто Оризари, Ердуан Исени. И двајцата вчера не беа расположени за изјава, а така се однесуваше и пратеникот на ДУИ, Хисни Шаќири, на кој овој реон му е изборна единица.

Ме тепаше група од неколку Албанци кои удираа по мене со дрво, а откако завршија продолжија со клоци. Не знам кои беа и што беа, ама знам дека ме навредуваа со пцости и ме навредуваа како Ром, раскажува Џ. К., родител на еден ученик од „26 Јули“, кој бил повреден во завчерашната тепачка. Џ.К. се здобил со повреди на подлактницата, прстите, ребрата и главата, а вчера е пуштен на домашно лекување. Тој бил нападнат во моментот кога се обидел да ја земе од училиште својата деветгодишна ќерка. Претходно, Џ.К. слушнал дека имало некаква расправија во училиштето, па затоа отишол да види за што станува збор. Кога дошол во училиштето, слушнал и дека неговиот син го тепаат Албанци внатре во училиштето, но не знаел точно што се случува. Неговата сопруга, која исто така, се плаши да се претстави со име и презиме, вели дека нивниот син добил шлаканица од некој наставник-Албанец, откако претходно Ромот реагирал на провокациите од учениците-Албанци во училиштето. Ромите се жалат дека се чувствуваат загрозени од Албанците и велат дека натамошниот соживот со нив во училиштето, преку нивните деца, едноставно не е можен.

Албанците, пак, зборуваат обратно. Според нив, Ромите ја почнале завчерашната тепачка во училиштето. Некои од нив зборуваат дека пред два дена во училиштето бил повреден ученик-Албанец, иако неговите родители не се расположени за изјава за медиумите. Албанците велат дека се чувствуваат понижени од односот на Ромите спрема нив, кои постојано ги пцуеле учениците-Албанци додека оделе во училиште и, наводно, фрлале камења врз нив. Тие ги отфрлаат како неосновани тврдењата на Ромите дека секојдневно учениците-Албанци фрлаат камења врз Ромчињата и ги навредуваат на етничка основа.

При посетите беше особено забележителен коментарот на училишните управи беше дека децата од подготвителна настава имаат пречки во комуникацијата поради недоволно познавање на македонскиот јазик.

Уште еден проблем што се забележуваше при уписот на децата се однесуваше на недостигот на некогашната пракса на училиштата да испраќаат покани на сите родители кои имаат деца на возраст за упис во подготвителна година или поточно прво одделение. Посетите ги искористивме за да ја согледаме причината за недостигот на оваа добра практика. Од нив дознавме дека постојат пречки и дека ним им е забранет пристапот до личните податоци од страна на Министерството за внатрешни работи. Затоа ги посетивме локалните единици на Министерството за образование и упативме апел дека таквата практика беше позитивна, меѓутоа добивме одговор дека поради промените во законот не постои можност да се повтори тој начин на информирање на родителите.

2.2 и 2.3. да се организираат средби со наставници од подготвителна година и прво одделение

Во однос на средбите со наставниците, направивме мала измена во реализацијата со тоа што наместо 6 поединечни средби, организиравме 3 при што разговаравме на еден состанок за работата на подготвителните групи и прво одделение. Оваа промена беше направена во согласност со претставничката од Министерството за образование и наука, г-ѓа Вера Муцунска.

Средба во Прилеп – Првата средба ја организиравме во Прилеп, каде што присуствуваа сите наставници од подготвителна и прво одделение, инспектор од Државниот Просветен Инспекторат и советникот за образование во Општина Прилеп.

Средбата ја цениме како позитивна поради увидот во проблематиката со која се соочуваат двете училишта, како и отвореното изнесување на проблемот со формирањето чисти етнички паралелки и уписот на ромски деца само во едно училиште. Како најчести проблеми со кои се соочуваат наставниците беа посочени: нередовноста, слабата соработка со родителите, непоседување основни училишни материјали, незадоволително ниво на хигиена и немање основни навики на ученик. Она што Прилеп го одвојува од Куманово и од Скопје е фактот дека Ромите во Прилеп зборуваат македонски и децата во училиштето влегуваат со добри познавања на македонскиот јазик. Проблемот во овој град е во родителите кај кои сеуште не постои доволно развиена свест за значењето на образованието. Постојните проблеми наставниците ги решаваат преку средби со родителите и посети дома, при што сепак се соочуваат со слаба соработка со родителите.

Значаен чекор беше критиката што инспекторката од Државниот Просветен Инспекторат ја упати до наставниците, во поглед на нивната недоволна ангажираност и приклонетост кон одредена група деца.

Училиштата добија јасна порака од претставничката од Министерството дека треба да се почитува одредбата за упис на деца по региони и дека треба да се избегнува формирањето чисти етнички одделенија. Сите се согласија дека со асистенција од невладиниот сектор двете училишта треба да ги распределат учениците и дел од ромските деца, кои реонски припаѓаат на О:У: „Кире Гаврилоски - Јане“ треба да се запишат во тоа училиште. Она што би се извлекло како заклучок и што доминираше на состанокот е големиот интерес на училиштата за упис на ромски деца.

Средба во Куманово – На средбата во Куманово присуствуваа по еден наставник од прво и подготвителна, педагогот и директорот од сите 6 основни училишта во градот. Главната тема на отворената дискусија беа проблемите со кои се соочуваат наставниците со посебен указ на ефектот од работата на едукативните центри на невладините организации, при што наставниците апелираа за отворање на повеќе такви центри. Најголемиот проблем со кој се соочуваат ромските ученици во Куманово е недоволното познавање на македонскиот јазик. Наставниците сметаат дека учениците се нередовни, недисциплинирани, незаинтересираност, немаат учебници, немаат средства да учествуваат во слободните активности, немаат културни и хигиенски навики, родителите се неписмени во најголем дел, слаба соработка од страна на родителите. Наставниците најчесто се обидуваат овие проблеми да ги надминат преку дополнителна и воннаставна активности, обезбедување учебници и хуманитарна помош, директни разговори, соработка со невладини организации. Сепак тие сметаат дека соработката со родителите почнува да преминува во позитивна насока, особено кај оние чии деца претходно ги посетувале едукативните центри на невладините организации.

Средбата ја оценуваме позитивно заради големиот одзив на наставниците, отворената дискусија за постојните проблеми и интересот за нивно надминување.

Прашалниците се доставени во прилог како Анекс

Листата на учесници на овие средби е доставена како Анекс

Средба во Скопје – На средбата во Скопје присуствуваа по еден наставник од подготвителна година, прво одделение, педагогот и директорот од наставникот, двајца просветни инспектори, како и двајца претставници од Управата за унапредување на образованието. Средбата ја оценуваме како позитивна со оглед на фактот дека наставниците многу отворено и реално го прикажаа проблемот во работата со наставниците, по што упатија порака до невладиниот сектор дека им е потребна поддршка во однос на комуникацијата со родителите. Најголемите проблеми според нив се однесуваат на нередовноста, совладувањето на македонскиот јазик, незаинтересираност на родителите, како и зависноста на Ромите од поддршката од невладините организации по што тие не се обидуваат да го обезбедат детето со потребниот материјал, очекувајќи поддршка од страна.

Прашалниците се доставени во прилог како Анекс

Листата на учесници на овие средби е доставена како Анекс

2.4. Да се пратат прашалниците до основните училишта

Прашалници до училиштата беа испраќани и во двата дела од кампањата. Притоа прашалниците беа одобрени и поддржани од Управата за развој на образванието на јазиците на припадниците, при Министерството за образование.

Во првиот дел од кампањата испративме прашалници до 169 основни и 52 средни училишта низ цела Македонија, на кои добивме одговор од 52 основни и 26 средни училишта.

Во вториот дел од кампањата испративме прашалници до 64 основни училишта, при што акцентот беше ставен на уписот на деца во подготвителна година и прво одделение. Добивме одговор од 31 училиште.

Генерален заклучок е дека училиштата сметаат дека неедуцираноста на родителите, како и сезонските работни ангажирања се најголемите проблеми и причини за нередовност и осипување на учениците. Тие сметаат дека допрва треба да се работи со родителите.
Во однос на бројките, прашалниците укажуваат на благ пораст на бројот на деца кои се запишуваат во учебната 2006/2007 година. Особено значителен е бројот на деца запишани во подготвителна година, со што во речиси сите училишта бројот на запишани деца го надминува бројот на првачињата од минатата година.

Примероци од пополнетите прашалници се доставени како Анекс 5.

До сите училишта беше доставено заедничко писмо од НРЦ и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците. Писмото е доставено во прилог на извештајот како Анекс 6.

3. Намалени стеротипи и предрасуди кон ромските деца

3.1. Да се продолжи работата на Медиумската Лоби Група

Работата на Медиумската Лоби Група се покажа продуктивно и во двата дела од кампањата и со сигурност може да се каже дека позитивното информирање за Ромите во Македонија е во пораст.

  • Зоран Иванов, директор на Македонската Информативна агенција,
  • Драган Антоновски од националната телевизија Сител,
  • Столе Наумов од националното радио Канал 77,
  • Љубица Гроздановска, весник ДНЕВНИК
  • Мирдита Салиу од ромската редакција на МТВ.

Единствената промена во однос на првиот дел од кампањата е што во овој дел не се инсистираше на пишување колумни, но се создаваа прилози за печатени и електронки медиуми, со што беа опфатени повеќе медиуми. Особено сме задоволни од работата на новинарката Љубица Гроздановска од весникот „Дневник“ која интензивно ги објавуваше сите информации што одеа во корист на образованието на Ромите во Македонија.

Притоа „Дневник“, преку главниот и одговорен уредник Катерина Блажевска, остана доследен на договорот и беше главен покровител на кампањата.

Воедно, за пласирањето на ромскиот образовен проблем значајно влијание имаше Македонската Информативна Агенција која ги дистрибуираше информациите, добиени од нас и од други организации. Информациите не се однесуваа само на образованието. Тоа е значаен продор на ромска проблематика во медиумите, што не беше случај години наназад. На тој начин започна процесот на взаемно едуцирање на Роми и неРоми.

Сите објавени текстови, емитувани прилози и емисии ќе бидат доставени како Анекс 6 на извештајот.

3.2. Да се организира новинарска работилница

Новинарската работилница се одржа во септември, во НВО Инфо центарот во Скопје. Присуствуваа 18 новинари кои работат во македонски и албански печатени и електронски медиуми. Работилницата ја водеше новинарот Зоран Иванов. Пред почетокот на новинарите им беше презентиран документарниот филм, подготвен како дел од кампањата.

Особено значаен ефект за нас беше што новинарите покажаа интерес и отворија плодна дискусија во поглед на ромското прашање во државата и што по одржувањето на работилницата поголемиот број од нив се во постојан контакт со нас и преку заедничката соработка пласираа значајни информации во јавноста. Во прилог на извештајот е доставена листата на учесници на сесијата, како Анекс 7.

Целта на работилницата беше изработката на Медиумска стратегија за придонес на новинарите во поглед на вклучувањето на ромските деца во образовниот процес.

По неколкуте одржани средби и работилници за новинарите, како и од работата на Медиумската Лоби Група начинот на информирање на новинарите во Македонија е значително подобрен и попозитивен.

Во прилог на извештајот ви доставуваме повеќе публикувани информации од страна на новинари кои присуствуваа на работилниците во рамките на кампањата.

ЗА ПРВ ПАТ ВО БИТОЛА

Ром се вработи во администрацијата

Рамиз Рустемов е првиот Ром во Битола што е вработен јавната администрација како чиновник. Министерството за труд и социјала реши Рустемов професионално да го ангажира од Центарот за социјална работа во Битола, како референт што ќе остварува непосредни контакти со битолските Роми, како најзагрозена социјална категорија граѓани.

Петнаесет години работам како активист на невладиниот сектор и посветен сум им на проблемите на битолските Роми, а сега ќе работам во институција што се занимава со проблемите на околу илјада Роми - рече вчера Рустемов.

Во Центарот за социјална работа очекуваат тој да ги олесни процедурата и комуникацијата со Ромите како најмногубројни корисници на социјална помош, но и на други услуги и стручна помош: за лечење од алкохолизам, социјализирање семејства, помирување семејства и поединци итн.

Според последниот попис, во Битола има околу шест илјади Роми и со седум проценти тие се втора етничка групација во овој град по Македонците.

„Тиквешки Роми"

Над 80 отсто од Ромите во Тиквешијата се неписмени

КАВАДАРЦИ - Здружението на граѓани „Тиквешки Роми“ од Кавадарци деновиве спроведе анкета со која се дојде до резултати дека 80 отсто од  Ромите кои живеат во Тиквешијата се необразовани, а 90 отсто не си ги знаат своите права и им е потребна правна помош. Претседателот на здружението, Раим Сулејманов, вели дека вршат  притисок кај  родителите  да ги пуштаат децата на училиште и покрај лошата финансиска состојба. „Ваквата активност покажа резултати“, вели тој.

Тиквешките Роми се жалат дека се соочуваат со дискриминација при вработувањето.

„Сите примаме социјална помош, но месечните примања од по 1.000-2.000 денари ни оддалеку не можат да ги задоволат потребите за живот. За струја должиме и  по 100.000 денари“, се жалат неколкумина Роми од тиквешкото Тенеќе  Маало. Од општината велат дека не се биро за вработување и согласно своите можности го помагаат загрозеното ромско население. Наскоро, ромските деца со помош на Светска банка ќе можат бесплатно да посетуваат градинка, а поголемите да изучуваат курсеви за компјутери. (А.Д.)

Според проектот не беше планирано одржување на прес конференција, но ние проценивме дека проекцијата на документарниот филм ќе биде значаен повод да се изнесат податоци пред новинарите, во однос на образованието на Ромите во Македонија. Прес конференцијата предизвика интерес поради проекцијата на филмот, но и поради бројките што беа изнесени во јавноста а кои зборуваат дека расте бројот на ромските деца во училиштата, но остануваат уште деца на улица

Документарен филм за едукацијата на Ромите во земјава

Скопје, 11 септември (МИА) - Во мултимедијалниот центар Мала станица вечерва ќе биде прикажан документарниот филм за образованието на Ромите. Филмот е во продукција на Порта ФМ, го режираше Драган Антоновски, а е дел од програмските активности на кумановскиот Национален ромски центар.

Вечерашната проекција е дел од кампањата за едукација на Ромите што ја реализираме од почетокот на годинава со поддршка на повеќе општини од земјава, на министерствата за образование и наука и труд и социјала, на претседателот на државата, медиумите. Целна група се пред се децата од забавиште и оние што треба да се запишат во прво одделение, истакна на денешната прес-конференција Славица Ќурчинска, асистент во Националниот центар. Според последните податоци на Центарот, годинава во скопските основни училишта се запишале речиси 100 ромски