Ова е само една приказна за домување, која не е единствена, туку има уште такви исти, слични.

Преплавени од слики кои ја покажуваат реалноста и субстандардниот начин на живот на многу ромски семејства може да се запрашаме до кога некое семејство во 21 век ќе живее без приклучок на вода, струја, канализација, во нелегална градба. Приказната што следи е поврзана со реалноста во која живее едно ромско семејство во населбата Средорек во Куманово. Домувањето е основна животна потреба и основно човеково право, но не сите семејства живеат во пристоен дом и не сите имаат правна заштита и сигурност на нивната сопственост.

Станува збор за тричлено ромско семејство кое живее во семејна куќа на Љ.Д. во кумановската населба Средорек која е оддалечена неполни 2 километри од центарот на градот. Семејната куќа е нелегална градба од 50 м2, изградена пред дваесетина години, со приклучок кон електрична, водоводна и канализациска мрежа. Земјиштето на кое е изградена куќата не влегува во градежен реон и не е уредено со детален урбанистички план. Куќата е изградена без градежна дозвола. Љ.Д. има склучено договор пред 20 години за купопродажба на земјиштето на кое е изградена семејната куќа, но договорот е склучен во писмена форма со потпис на продавач и купувач и двајца сведоци, но е е запишан во земјишните книги. Сега не може со тој договор да се запише сопственоста во Агенцијата за катастар на недвижности, не може да се легализира објектот. Лицето од кое го има купено земјиштето се наоѓа во Франција и немаат контакт.

За да го запише земјиштето во катастар потребно е да докаже во судска постапка дека е сопственик и владетел на истото и да бара потврдување и спроведување на договорот. Иако Љ.Д. во текот на деведесетите години има склучено договор за купопродажба на недвижен имот и имотот е во негово владение, а во меѓувреме направил доградба на куќата сепак не може слободно да располага со имотот и да го остави во наследство, подарок.

Љ.Д мотивиран со донесувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и рокот до 4-ти септември 2011 година да се поднесе барање и да се започне постапка за утврдување на правен статус т.е. легализација на објектот, сега освен правниот интерес да го утврди правото на сопственост на недвижниот имот, има и дополнителна мотивација. За таа цел во текот на 2011 година има поднесено тужба до Основен суд Куманово. По завршување на постапката би можел да ја запише недвижноста на негово име и да го легализира објектот. По завршување на судската постапка би можел да ја започне и постапката за приватизација на градежно земјиште.

За да докаже дека е сопственик на одреден недвижен имот (земјиште, куќа,.), мора да има имотен лист во кој е запишан недвижниот имот. Запишувањето на правата на недвижниот имот го врши Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) преку одделенија за катастар на недвижности и тоа по службена должност (бесплатен упис) и на барање (со надоместок).

Во Р.М. е воведена приватна геодетска дејност за вршење на оперативните (теренски) геодетски работи од премерот, со цел да се забрза постапката на запишување во катастарот на недвижностите. Во делокруг на работата на приватните геодетски фирми спаѓаат: делба на парцели и спојување парцели, снимање на промените настанати со изградба и доградба на објекти, подготвување нумерички податоци, изработка на геодетски елаборат за запишување во катастарот на недвижности, изработка на геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени, кои се од влијание за одржување на катастарот на недвижностите, како и вештачењата.

За нелегалната градба ќе треба дополнително да се изготви и геодетски елаборат, и откако ќе се утврди судски сопственоста, да се легализира градбата. Како што е веќе истакнато по судската постапка за утврдување на сопственоста ќе се поведе и постапка за приватизација на земјиштето. Постапката за приватизација на градежно земјиште се покренува по барање на корисникот на градежното земјиште (барање за приватизација). Рокот за поднесување е до 2012 година.

До сега е започната постапката за легализација на објектот, приватизација на земјиштето согласно процедурите ќе почека.

Читајќи го текстот некој сигурно ќе помисли дека е сложен описот на проблемот со вткаени постапки и лавиринти. Но од друга страна можеме да се запрашаме и колку е сложен само еден од овие случаи, колку и какви капацитети треба да бидат вложени во еден единствен случај за да се истурка работата до крај, лицето да добие легален дом и имот, кој и онака го владее.