Проблемот со зголемениот број на бегалци, предизвиците на Пописот, можните проблеми во имплементацијата на Бесплатната Правна Помош и проблемите со домувањето како дел од Декадата за вклученост на Ромите, се само дел од темите на дискусија на неодамнешниот состанок со Ламберто Заниер, генерален секретар на Организацијата за Безбедност и Соработка во Европа ОБСЕ, при неговата посета во Македонија. И раководителот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет беше присутен на состанокот.

Напишал: Ашмет Елезовски

Навистина, ретка можност да се дискутираат и анализираат горливи прашања со претставници на организација што треба да биде еден од главните меѓународни играчи, помагајќи го развојот, демократските процеси и човековите права.

Како дел од група на претставници на граѓански организации, го искористив овој состанок да поставам прашања за спроведувањето на погоре споменатите проблеми, да се утврдат вистинските причини за задоцнувањето и нереализирањето на обврските преземени од земјава во однос на Декадата за вклученост на Ромите, да се подобри нивната состојба во државава. И се чини дека на сите им е јасно дека лошата економска состојба во која се наоѓаме е главната причина не само за проблемот со наплив на азиланти од државава во земјите од Европската Унија, туку и за многу други работи, како на пример неспособноста да се стори повеќе во делот на домувањето кај Ромите, што е и обврска со Декадата. Лошата економска состојба е исто така причина за неодамнешните етнички тензии, за зголемениот број на емигранти, за недостатокот на акција за општо подобрување на состојбата на луѓето во нужда или на оние припадници на маргинализирани групи.

Дриго важно прашање што го поставив е проблемот со Пописот што ние како држава очигледно го имаме. Лично сметам дека е во директна релација со Охридскиот Рамковен Договор и со потребата за исполнување на одредени проценти за да се задоволи така наречената правична партиципација на етничките групи што не се мнозинство во власта и во администрацијата. Да не се сфати погрешно, Договорот имаше позитивен ефект и влијаеше на развојот на меѓу етничките односи во државава генерално. Но, сигурен сум дека многумина ќе се согласат оти тој е исто така и причина поради која се појавуваат проблеми како што е на пример потребата за манипулации на еден процес каков што е Пописот. Ова особено се однесува на Ромите, кои во минатото често беа манипулирани да се декларираат како припадници на други заедници. И тоа е дефинитивно нешто што треба да се разреши што поскоро.

Конечно, ја искористив оваа можност да отворам едно прашање за кое никој друг не се осмели да го постави, а тоа е ефективноста на меѓународните организации како ОБСЕ, во нивните напори да се помогне на тие што имаат таква потреба. Повторно, не би сакал да бидам сфатен погрешно, но навистина сметам дека има волја да се направи нешто кај многу од овие организации, има и капацитет, особено во ОБСЕ да се помогне за овие работи да се променат на подобро. Постои волја и има квалитетни луѓе што работат на Ромското прашање, но сметам дека често се претоварени со административни бариери, дека не можат да делуваат навремено и соодветно поради административните обврски што ги чини сите нивни напори неефективни.

Во перспектива да ги користиме што повеќе како партнери за да се подобри имплементацијата на Декадата и во генералните напори да се подобри ситуацијата кај Ромите и кај сите луѓе што на некој начин се загрозени. Ни треба партнер што навремено ќе асистира. Само така ќе се подобри и нашата ефективност и ќе може да се решат повеќе проблеми!

Во таа насока, морав да ги информирам претставниците на ОБСЕ за впечатокот што преовладува кај многу Ромски организации, дека ОБСЕ на некој начин ги запостави Ромите и нивните проблеми во изминатиот период. Во изминатата декада, лично бев вклучен во многу активности што ОБСЕ ги организираше, вклучително и во активности поврзани со ОБСЕ Контакт Центарот за Ромски и Синти прашања. Сега, навистина имам впечаток дека дијалогот со ОБСЕ за Ромските прашања е опаднат.

Иако не беше присутен, морав да го посочам Советникот на ОБСЕ за прашања поврзани со Ромите и со Синти, Андреј Мирга, кај кого има недостиг на ефективност и на активност. Ситуацијата беше драстично поразлична со неговите претходници. Во тоа време, бев вклучен во многу процеси, во многу проекти како на пример Пактот за Стабилност и Ромите во Југоисточна Европа. Имаше раздвиженост генерално, токму поради ОБСЕ, а Ромите беа вклучени во донесувањето на политиките и во нивната имплементација.

Всушност, доколку некои други личности што навистина се неефективни беа присутни на состанокот, воопшто немаше да присуствувам. Сите тие се чини дека се оттуѓени од ромската заедница. Чувствувам дека Ромите се запоставени од ОБСЕ во изминатиот период и затоа сугерирам работите да се вратат како претходно. Ова е особено важно во овие тешки времиња, кога за жал многу Роми се соочени дури и со безбедносни проблеми, со сиромаштија, со депортација од земји што се далеку поразвиени од Македонија. И срамно е меѓународни организации, како ОБСЕ да бидат пасивни во однос на овие проблеми, без притоа воопшто да навлегуваме во дебата за потребата за обезбедување на еднаква примена на законите, владеење на правото и подобра имплементација на документи и стратегии што се однесуваат на Ромите.

Потребни се многу повеќе вакви состаноци, подобар дијалог со меѓународните организации. Но, потребно е и тие активно да се вклучат во дијалогот со политичките претставници – Роми, со граѓанските организации и воопшто со ромската заедница.

Така, благодарен сум на можноста да присуствувам на состанокот, иако не беше возможно ниту да се начне темата за проблемите на Росмката заедница во пет минути. Се надевам дека моите искажани ставови и сугестии ќе помогнат за засилена имплементација на националните стратешки документи за социјална инклузија на Ромите. Во секој случај, потребна е поголема активност како на јавната администрација така и на носителите на јавни и политички функции!

[post_gallery]