Здружението Национален ромски центар (НРЦ) изразува сериозна загриженост во однос на последните информирања во јавноста во врска со потенцирањето на припадниците на ромската заедница како прекршители на правилата на визната либерализација.

Јавноста е сведок на многу домашни и меѓународни иницијативи кои се залагаат за подобрување на состојбата на ромската заедница, но кои се резултатите? Колку и какво подобрување може да очекуваме со вложување на 300 денари по човек, со армија на невработени луѓе кои најчесто поради низок степен на образование не се компетентни на пазарот на трудот?

Презентираната слика на нештата имплицира погрешна перцепција и е сосема спротивна на вистинската фактичка состојба. Имено евентуалното идно посочување дека Ромите ќе бидат виновни за губењето на придобивките од визната либерализација на земјите во регионот, преставува директно стигматизирање, воведувајќи систем на предрасуди и мотивирајќи едно високо ниво на верска и национална омраза, активно поттикнувајќи говор на омраза.

“Начинот на кој се прави тоа е спротивен на европските вредности на бројните меѓународни документи за заштита на човековите права, вклучително и на залагањето за меѓуетничка толеранција… секој има право на слободно движење…изјави Ашмет Елезовски, менаџер на Национален ромски центар.

Европската Комисија никаде во своите извештаи не ги посочи Ромите како виновни и одговорни за можните последници за губењето на придобивките од  без визниот режим. Насоките, укажувањата од страна на Европската Комисија, дирекно посочуваат дека државите во регионот поради сопствените институционални слабости потребно е да ги јакнат правните и економските капацитети обезбедувајќи благосостојба и просперитетен  и сигурен живот на своите граѓани.

Евентуална повреда на правилата на визната либерализација од страна на поединци која евидентно е забележана од страна на европските земји, консеквентно повлекува правни последици за прекршителот, меѓутоа товарот за неуспехот на државните и институционалните капацитети не може да се става на страната на една цела заедница,  во случајот ромската заедница.

НРЦ посочува за поинаков пристап кон ова прашање и да се согледаат вистинските аспекти  и  проблемите во врска со спроведувањето на безвизниот режим, вклучително да се ангажират домашните и европските капацитети за поголема институционална и економско социјална инклузија на Ромите во општеството.

НРЦ сериозно реагира и го осудува секој говор на омраза, и ги повикува сите надлежни институции да превземат се што е во нивна моќ да се спречи стигматизацијата на припадниците на ромската заедница. Најжалосната последица од несоодветни реагирања е онаа што го прави дијалогот невозможен и толеранцијата генерално значи взаемно игнорирање. Наеднаш забораваме дека сме мултикултурни граѓани кои се стремат кон ЕУ.

Соочени со видливиот јаз помеѓу припадниците на различни етнички заедници во Република Македонија треба да се одлучиме за инклузија, партиципација и толеранција.