Европски Манифест

Моравме да пешачиме добар половина час, на тесна патека, низ дивата трева, под врелото сонце, понекогаш дури и низ кал, за конечно да дојдеме до местото на поранешниот ромски концентрационен логор во Лети, околу еден час возење од Прага. Таму, каде сеуште некомплетното историско истражување укажува дека умреле помеѓу илјада и петнаесет илјади роми, пронајдовме само една мала плоча, изгубена во средината на полето, кратко објаснувајќи што се случило пред седумдесет години. Постојано превртувана од ветрот, лошиот мирис од илјадници свињи беше постојано присутен: денес индустриска фарма за свињи го осквернува ова место и споменот на оние кои починале.

Дополнително симболично насилство: на една ограда виси знак со знамето на Европската Унија кој го потврдува добивањето на грантови од ЕУ до фармата. На неколку стотици метри од таму, над масовните гробници, чешката влада одлучила да изгради мал споменик, кој е тешко достапен и се граничи со земјоделски полиња.

Што ни кажува осквернувањето на Лети?

Тоа ни кажува за обидот да се избрише минатото кое не сака да си замине; за индиферентноста кон одредени страдања и одредени поединци; за поврзаноста помеѓу тогашниот геноцид и денешното расистичко насилство.

Но, тоа исто така ни кажува приказна за посветеноста кон споменот: манифестација на достоинство и солидарност, со која милитантите на човекови права, роми и не-роми, ја организираа првата европска комеморација на ова место. Осумнаесет земји беа претставени на овој настан, кој говореше за заедничкото чувство за европска припадност, на заедничка приврзаност кон вредностите на демократијата.

На овој начин, осквернувањето на Лети претставува дел од современата европска историја.

Навистина, расистички акти на насилство врз Ромите се вршат низ целиот континент. Тие понекогаш имаат облик на физичко насилство, од агресија до линчување или убиство; на територијална поделба или населби; на населби одвоени со ѕидови, каде што електричната енергија и вода се отсечени. Расистички дела можат подеднакво да се пронајдат во дискурси проследени со стереотипи, па дури и повикувања на омраза од старна на авторитетни личности, посебно од изберените функционери или министри. Расизмот е присутен во политичките мерки, особено во етнички насоченото протерување; во секојдневните дискриминации во сите сектори на животот. Ромските деца се принудени да не одат на училиште или да одат во второкласни училишта направени специјално за нив, со тоа уништувајќи ја целата надеж за иднина. И насекаде, расното прогонување е искажано преку немилосрдна социјална доминација.

“Roma Pride!” е името на нашиот граѓански одговор на оваа смртоносна динамика. Редно е да манифестираме Еднаквост и Достоинство во Европа, заеднички организирано со ентузијазам, на ист ден (5 октомври) во повеќе од 15 земји, ова четврто по ред издание на Roma Pride.

Оваа мобилизација е вкоренета во солидарноста со која милиони луѓе низ цела Европа се вклучени во локални или национални, индивидуални или колективни иницијативи против расизмот и дискриминацијата. Roma Pride е возможна поради неотуѓивата приврзаност на граѓаните кон човековите права и вредностите на демократијата низ целиот континент.

Roma Pride има за цел да им даде на младите надеж за иднината, и да се бори за нивното право да имаат корист од добро образование, образование кое ќе им овозможи да го најдат својот пат, да го обликуваат сопствениот живот, без задушливи ограничувања наметнати од расизмот. Таа исто така се стреми да го врати достоинството на живите и починатите, со обидот да ја убеди чешката влада да ја пресели фармата за свињи, со цел да заздрави болната рана во нашата меморија.

Покрај тоа, таа има за цел за консолидирање на солидарните мрежи, кои можат да функционираат како безбедносни мрежи против расизмот и како етапи кон егалитарно општество. Исто така, таа се обидува да им помогне на европските, националните и локалните власти да се вклучат и да промовираат активни, поттикнувачки и обврзувачки политики кои ќе водат кон крајот на расните и социјални дискриминации.

И конечно, Roma Pride планира да биде весела прослава на разновидноста на ромските идентитети и култури, кои со векови биле органски поврзани со европските.

Да се собереме сите заедно на 5ти октомври за Roma Pride во повеќе од петнаесет земји и да ја славиме, низ ромската култура, Европа на Достоинство и Човекови Права!