35 организации реагираат на Предлог-законот за млади

Соопштение за медиуми

16.08.2011, Скопје

35 младински и граѓански организации, денеска на 16ти август 2011 година, ги објавија во јавност своите забелешки на недемократските и неефективните решенија од Предлог-законот за млади кој е во собраниска процедура. Младинските организации бараат од Собранието на Република Македонија и од соодветните Комисии за европски прашања и за образование, наука и спорт, да ги земат во предвид забелешките и анализите, да обезбедат консултативен процес и широка јавна дебата и да ги вклучат младите во дефинирање на законските решенија.

За таа цел, иницијаторите испратија писмени забелешки и барања до сите пратеници во Собранието на Р.Македонија, до сите градоначалници и до сите претседатели на совети на општините.

Организациите кои се вклучија во оваа иницијатива забележаа нетранспарентен процес и исклученост на младите од дефинирањето на законските решенија, што резултираше со Предлог-закон кој има големи амбиции и лоши механизми за реализација, за кој не се предвидени соодветни финансии и кој не ги препознава младите и нивните проблеми во Република Македонија. Дополнително, предлог законот ќе воведе повеќе бирократија, контрола и ограничување во младинското организирање.

Со предлог-законот, за прв пат во Република Македонија се прави обид за формирање локални младински совети на општинско ниво, како и Државен младински совет на национално ниво. Начините на формирање на ваквите совети се недемократски, неинклузивни, застарени и водат кон создавање младински структури кои од младите веќе се доживеани како исполитизирани и како структури кои повеќе ги застапуваат интересите на политичките партии, отколку на младите. Клучниот проблем е во тоа што членовите на локалните младински совети нема да се избираат директно од младите, туку според непостоечки критериуми, од советниците во општината, кои во најголем број се членови на политички партии. Обидот државата да стави контрола и врз младинското организирање на државно ниво се препознава од решението во Предлог-законот со кое се предвидува повеќе од половина од членовите на Државниот совет на млади да бидат претставници на Владата и министерствата на Република Македонија.

Очигледна е и намерата советите да не реализираат конкретни активности за унапредување на позицијата на младите, за што говори и претпоставената финансиска импликција во Предлог-законот од само 100.000 денари на годишно ниво. Се прашуваме како е можно со 100.000 денари да се остварат целите на Предлог-законот за млади. Се чини дека младинските совети кои се предвидуваат со овој Предлог-закон повеќе би служеле како декор и алиби за политиките на општините и Владата, наместо за креирање и спроведување младински политики.

Одобрувањето на предложениот закон во понатамошна процедура ќе им штети не само на младите во Република Македонија, туку и на целата држава во процесите на интеграција со Европската Унија, од причина што ваквиот закон не ги задоволува европските стандарди од оваа област и  е во директна спротивност со духот на младинската политика која се развива на ниво на Европа.

Затоа, ги повикуваме надлежните институции, а особено Собранието на Република Македонија, да не го одобруваат и усвојуваат Предлог-законот за млади со оваа форма и содржина, туку да ги инкорпорираат приложените забелешки, да обезбедат време и простор за отворање на процесот во јавност и да ги вклучат младите и младинските организации во дефинирањето на младинските политики и младинското организирање.

Со почит,

Младински образовен форум (МОФ);
Реактор – Истражување во акција;
АЕГЕЕ-Скопје (Асоцијација на Европски студентски структури);
ЕЛСА РМ (Европското здружение на студентите по право во Република Македонија);
Центар за меѓукултурен дијалог – Куманово;
Македонски центар за европско образование (МЦЕО);
Младите можат;
Мултикултура – Тетово;
НВО Инфоцентар;
ОПН Театар (Здружение на граѓани за слободно креативно истражување и изразување во областа на изведувачките уметности, Скопје);
Центар за развој на заедницата – Кичево;
Центар за развој и унапредување на јавниот живот – Тетово;
Цивил – Центар за слобода;
Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување;
Здружение за развој и активизам “Аква“ – Струга;
ИЗИДА 41/21 (Здружение на граѓани за заштита на културниот идентитет на Египќаните);
ИАЕСТЕ Македонија (Македонскo здружение одбор за меѓународна размена на студенти од техничките факултети);
Јunior Achievement – Економско образование за млади;
КриејтивЕјт – Младинска медиумска продукција (Cre8ive8);
Регионален центар за застапување – Делчево;
Фондација за развој на локалната заедница – Штип;
Фондација Метаморфозис;
Центар за одржлив развој „ Порта“ – Струмица;
Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар;
Студентски сојуз на Прв Приватен Универзитет ФОН;
Регионален центар за одржлив развој – Гевгелија;
БЕСТ – Борд на Европски Студенти по Технологија;
Младински културен центар – Битола;
ЕSTIEM (Здружение на студенти по индустриско инженерство и менаџмент – Локална група Скопје);
Регионален центар за одржив развој – Кратово;
ПУЛС Куманово (Асоцијација за здрави животни стилови);
Гоу Грин (Здружение на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина, Скопје);
Национален ромски центар – Куманово;
ПСМ Фондација (Претприемачки сервис за млади);
Федерација на млади – Скопје;