Реалноста на една малолетна мајка

Малолетната С.И., род 1995 година, во Скопје со непознат татко, живеела во Куманово заедно со нејзината мајка, која од пред извесно време ја има напуштено и се преселила во некоја западноевропска земја. Малолетната С.И. живее во вонбрачна заедница со лице од Виница во Скопје и имаат изродено 2 деца, првото дете го има родено на 14 години, ќерка родена 2009 година во Велес и ќерка родена 2010 година во Скопје. Овие две деца се запишани во МКР и имаат извод, СС.И. ги има запишано кога била тука нејзината мајка. С.И е државјанин на Р.М., и во моментот кога се обрати за помош во канцеларијата на НРЦ со себе имаше извод од МКР и државјанство.

Целта на нејзината посета  на канцеларијата на НРЦ беше неможноста да извади прва лична карта, која и е потребна сега, бидејќи нема родители, а кога се поднесува барање за прва лична карта треба копии од важечка лична карта на родител и присуство на родителот. С.И е малолетна живее во вонбрачна заедница, бремена е со трето дете, нема лична карта, која и е потребна за да може да го запише новороденото бебе подоцна и да може да оствари здравствено осигурување.  С.И е во третиот семестар на бременоста, нема здравствено осигурување и нема мајчина книшка.

Таа самата се обратила со Центарот за социјални работи ЦСР Куманово за да побара помош и совет да поднесе барање за лична карта како малолетно лице без родител. Подоцна самата се упатила во канцеларијата на НРЦ и беше примена од страна на правникот. Малолетната С.И низ разговор ја објасни ситуацијата во која се наоѓа, и како пред самото породување треба да ја среди личната и здравствената документација и веќе неколку дена патува на релација Скопје, Куманово. Правникот се јави во ЦСР Куманово и уште еднаш побара ЦСР Куманово да го разгледа прашањето за поставување на старател на малолетната С.И, затоа што само така ќе може да извади прва лична карта. Од страна на правникот од НРЦ им беше објаснето дека малолетната до пред започнување на вонбрачната заедница живеела со мајка и во Куманово. Во телефонскиот разговор со ЦСР беа посочени сите податоци за малолетното лице и фактот дека нејзиниот свекор родум од Виница кој живее со неа и вонбрачниот сопруг во Скопје може  да се постави за старател за поединечен случај, т.е да може да се извади лична карта за малолетната. ОД ЦСР Куманово добивме одговор наредниот ден да отидеме на средба заедно со маололетната мајка, свекор и и вонбрачниот сопруг. Утредента сите допатуваа од Скопје. На средбата по укажување на сите факти и податоци, ЦСР Куманово заклучи дека тие не се во можност да одлучат со решение да постават старател затоа што не биле месно надлежни за случајот, со оглед на фактот дека лицето кое ќе се постави за старател е од Виница, со наведено живеалиште во лична карта во Виница.

И покрај обидите на НРЦ да објасни дека малолетната мајка до пред започнување на вонбрачната заедница живеела во Куманово заедно со нејзината мајка и семејството е познато на ЦСР Куманово, од друга страна случајот е дополнително комплициран што свекорот иако има лична карта во Виница од таму е одјавен од ЦСР, и иако сега невенчаните сопрузи со свекорот живеат во Скопје не се ниту таму пријавени, немаат пријавено престојувалиште во Скопје ниту пак се пријавени во ЦСР Скопје. Но сепак ЦСР Куманово остана на став дека не се месно надлежни, и покрај фактот дека се бараше старателство за поединечен случај само за да се издаде лична карта, и фактот дека лицето кое ќе се постави за старател нема уредно пријавено престојувалиште никаде.

НРЦ по одржување на оваа средба, го контактираше ЦСР Виница и правникот разговараше по телефон со директорот на ЦСР Виница, директорот лично го познава семејството и нивната состојба и по укажување на потребата дека состојбата е загрижувачка поради институционални и сериозни финансиски пречки во смисла на патни трошоци, и доколку решението не може да биде издадено во Виница тогаш семејството да не патува до тамошните институции. Директорот на ЦСР Виница изрази подготвеност да се прими семејството на разговор во ЦСР и да се назначи свекорот за старател, за да може да извади прва лична карта.

НРЦ истиот ден разговараше со секторот управно-надзорни работи МВР објаснувајќи ја целата работа и потребата од лична карта да се издаде веднаш по назначување на старател. Потребата од лична карта како документ за идентификација е итна за обезбедување на здравствено осигурување за да се породи, и да се запише новороденото дете во МКР. Бееше договорено семејството утредента да  патува од Скопје за Виница за да се назначи старател и да се поднесе барање за лична карта.

Наредниот ден во ЦСР Виница беше издадено решение за поставување старател за лична карта, малолетна С.И поднесе барање, беше фотографирана истиот ден и доби термин за неколку дена да отиде повторно во Виница и да ја земе личната карта. Бидејќи семејството не беше во можност да плати 3,000 денари за патни трошоци за 3 лица на релација Скопје Виница и да ги покрие трошоците за административни такси, НРЦ ги покри овие трошоци од проектот Здравствени нееднаквости кон Ромките.

По земање на личната карта НРЦ ја упати малолетната С.И во Фондот за здравствено осигурување во Виница за да се пријави како осигуреник и да обезбеди здравствено осигурување. Откако беше пријавена во Фондот и доби здравствено осигурување. Подоцна замина на преглед кај матичен гинеколог во Виница.

По извесно време С.И не извести дека матичниот гинеколог бил заминат на одмор а таа го посетила за да извади мајчина книшка, и пак се вратила во Скопје. Откако не извести за овој проблем, НРЦ го контактираше ФЗО за да дознае кој го заменува матичниот гинеколог за да може да се упати таму. Наредниот ден С.И замина и доби и мајчина книшка.