Идејата за организација како НРЦ се вртеше во нашите глави неколку години наназад се додека не дојде моментот за нејзино формирање. Бевме петмина истомисленици кои сметаа дека е потребно интензивно да се работи со заедницата за да согледаме каде сме, да покренеме значајни прашања, да алармираме кај државните институции за решавање на проблемите и подобрување на состојбата на Ромите на повеќе нивоа.

Во јавност излеговме во 2005 година. Почетоците беа тешки, функциониравме речиси без технички потенцијали. Но, нашата упорност, вербата едни во други не донесе до денешните резултати. Собиравме наши пари за регистрација на организацијата, одделувавме од хонорарите за да обезбедиме основни услови за работа. Не се формиравме само за ги задоволиме нашите потреби, туку за да ја оствариме визијата да соработуваме со релевантни актери и да се заложуваме за активна партиципација и интеграција на Ромите, засновувајќи ја својата работа на принципите на модерното мултиетничко европско општество.

Првата поддршка ја добивме од СОРОС Будимпешта и РЕФ.

Зошто Национален Ромски Центар?

Со одредницата национален сакавме да ги насочиме нашите активности и да посочиме дека наша визија е да станеме препознатлив актер на национално ниво, ромски укажува на нашето искуство наназад во ромската заедница во Македонија и на Балканот, како и насоките за дејствувањето на организацијата. НРЦ не работи само за Ромите, туку за сите граѓани, но ромската заедница има поголема потреба и затоа има префикс ромски. Центар за нас претставува точка во која се акумулираат проблеми, се дискутираат и се решаваат. Покрај одредниците и насоките, настојувавме да создадеме име што ќе биде добро за имиџот на организацијата, препознатливо, лесно, да остане запаметено.

НРЦ е производ на секојдневна работа и едукација. Тимот е со мешовита етничка припадност, базиран врз силна доверба. Луѓето кои постигнуваа ефекти повеќе од 10 години успеаја да го пренесат искуството на НРЦ.

Во НРЦ се вработени новинари, професори, правници, економисти, студенти.

НРЦ ја мотивира заедницата да сфати дека самата може да си помогне ако е информирана, ако ги знае регулативите за да може да ги пренесе како наследство на своите деца.

На почетокот мислевме дека ќе останеме вообичаена невладина организација, но со секојдневна посета од страна на 50 граѓани во канцеларијата, преку теренска работа, прераснавме во организација со карактеристики на ординација (како што ние во НРЦ имаме обичај да ја наречеме канцеларијата).

Често бевме разочарани, се случуваше навечер да кажеме дека не може да се решат проблемите за наутро да добиеме нова енергија за нов почеток.

Сега кога имаме капацитет, имаме нов предизвик за опстанок и квалитетно функционирање.

НРЦ успеа затоа што имаше цел – граѓаните да добијат сигурност дека нивните проблеми ќе бидат сослушани, разгледани со можни начини за решение.

Ние ќе продолжиме да работиме како глас на Ромите, да се залагаме за заштита на правата гарантирани за сите граѓани и да развиваме силна комуникациска мрежа.