Одржана тркалезната маса Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Ромите – имплементација и предизвици

Национален ромски центар организираше тркалезна маса во рамки на проектот Легализација на ромско домување фаза 2 Македонија, со наслов Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Ромите – имплементација и предизвици која се одржа на меѓународниот ден на Ромите, 8 април 2015 година во Скопје, со цел да се укаже на значењето на проблемот на легализација на ромските домови и урбанизација на ромските населби во Македонија.

На средбата активно учествуваа претставници на сектори за урбанизам од општина Куманово, Тетово, Штип и Прилеп, адвокати кои работат на постапки за утврдување на правен статус на бесправни објекти во Куманово, Скопје, Прилеп, Тетово и Штип, како и претставник на Катастар на недвижности – Скопје.

Целта на тркалезната маса беше целосно исполнета и беа споделени бројни примери од практиката и имплементацијата на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во случаи кога објектот е изграден на земјиште со незапишани права, беа разгледани подетално и условите за издавање на урбанистичка согласност, утврдување на усогласеноста на намена на земјиштето со намената на бесправниот објект како и издавање на решение за утврдување на правен статус на бесправен објект. Национален ромски центар по одржување на оваа тркалезна маса подготвува предлози и препораки во врска со имплементацијата на законските и подзаконските акти за легализација, но и имплементација на спроведување на одлуките на Влада за бесплатни геодетски елаборати за одредени категории на граѓани и ослободување од надоместок за легализација на лица приматели на социјална помош. Како критични точки беа посочени и ситуации кога за плаќање на надоместок се чека и повеќе од неколку месеци за да се плати од страна на барателот за легализација, постоење на невоедначена практика во општините за договорите за одложено плаќање на надоместокот за легализација. Како проблем кој особено се истакнува беше посочена и слабата динамика на поднесување на геодетски елаборати од страна на подносителите на барања за легализација и покрај можноста дел од нив да поднесат барања за бесплатни геодетски елаборати.

[post_gallery]