2 Август 2014 година, го одбележуваме како ден на Холокаустот, опомена за целото човештво, ден кој треба да се памети во името на настраданите

Животот е еднакво важен, еднакво вреден во секоја смисла за секој човек. Холoкаустот е сеќавање за едно зло, за едно премрежје од човештвото. Последиците нè учат дека ние мора еднакво и достоинствено да живееме и да ги почитуваме нашите различности во боја на кожа, во јазик, култура, семејни традиции и слично. Еврејската, вклучително и ромската заедница, во нивната колективна меморија имаат безмалку вродени емоции за трагедиите и судбините на нивните семејства и на нивните блиски. 2 Август 2014 година, го одбележуваме како ден на Холокаустот, опомена за целото човештво, ден кој треба да се памети во името на настраданите и да носи порака за иднината на сите нас.

Човештвото и покрај огромната борба и заложба за еднаквост, правда, слобода и меѓусебно почитување, сè уште во себе носи омраза, непочитување, поделба, сегрегација, стигматизација и меѓусебно непочитување.

Се чини дека омразата кон Ромите останала, тие и понатаму се изложени на репресивни мерки од многу влади во Светот, ги имаат најлошите услови за живот и за домување, немаат пристап до институциите, до образованието и понатаму го уживаат статусот на најмаргинализираната заедница.

Се донесоа многу стратешки документи, програми и резолуции, се вложи многу труд да се подобри сликата на општествената позиција на Ромите, меѓутоа се чини дека денеска има некој нов модерен холокауст.

Денеска илјадници Роми, особено од земјите на Источна и Југоисточна Европа, се соочуваат со злоупотреба на правото на слобода на движење, немаат пристап до здравствени услуги, до образование, до вработување, ниту пак можат да побараат подобро место за живеење. Тоа е чувство на модерен концентрационен логор, на немаштија, на уништени соништа за подобро утре, на понижено човечко достоинство.

Напорите што ги прави Европската Унија со своите програми за поддршка и развој на општествената позиција на Ромите е пример и треба да биде водилка за останатите држави во Светот, треба да покажеме дека достоинството и еднаквоста им припаѓаат на сите луѓе подеднакво.

Во каков свет живееме и каков свет создаваме одговорни сме сите ние, проблемот на Ромите не е проблем само на Ромите, тоа е севкупна одговорност и севкупна заложба, која претставува еднаквост за сите нас.

Јас верувам дека ќе се искористат историските поуки. Секој наш пораз е искуство за подобро утре и за достигнување на врвните вредности како што се слободата и еднаквоста.

По повод 2-ри Август, Денот на Холокаустот, НРЦ упати протестно писмо до Амбасадата на Чешка, во која искажа загриженост за изградената свињарска фарма на местото на некогашниот концентрационен логор Лети, што бил изграден специјално за Ромите за време на Втората светска војна.

Протестно писмо 31.07.2014