По повод Меѓународниот ден на Ромите


Изложбата „Ромската носија низ децениите“ во организација на Националниот ромски центар и НУ Музеј Куманово беше отворена во Уметничката галерија во Куманово по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 април. Изложбата беше организирана под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Куманово.

За значењето на овој ден, зборуваше Ашмет Елезовски кој истакна дека Ромите имаат своја култура и традиција која се пренесува низ вековите.

– Ќе ми биде драго, доколку сите оние кои не се Роми, ја запознаат подобро културата на Ромите, со што ќе ја запознаат вистинската вредност на Ромите, рече Елезовски.

Градоначалникот Зоран Дамјановски истакна дека во Декадата на Ромите има одреден успех во неколку клучни точки опфатени со Декадата, но напомена дека е потребно уште да се работи на целосната имплементација.

– Ромските носии се дел од културното наследство на оваа заедница, рече Дамјановски.

Кустосот од етнолошкото одделение од кумановскиот музеј, Милица Пешевска-Николовска, објасни дека низ децениите женската носија претрпела трансформации.

– Изложбата опфаќа секојдневна носија која домаќинките ја носеле секојдневно, карактеристични се блузите, футата и димиите, како и марамата која е врзна на посебен начин. По овој период, се прекинува обичајот, а го задржуваат само повозрасните жени кои го практикуваат тој специфичен начин на врзување на свечености како што се свадби и сунети. Измени постојат и во материјалот и должината на димиите, а измени претрпуваат и украсите како што коланот и украсите за нозе, истакна Пешевска-Николовска.

[post_gallery]