Логорите на смртта во Полска од Втората Светска Војна – лекција која не смее да се заборави!

Пишува Џенифер Елезовска

 

Во периодот помеѓу 27 јули и четврти август годинава, имав можност да престојувам во Полска, каде што ги посетив најозлогласените кампови на смртта од Втората Светска Војна, кои и до ден денеска сведочат за нечовечкото однесување во историјата на човештвото. Посетата беше организирана од страна на младинската Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација (РРОМА) од Кратово.

Настанот беше од меѓународни размери, на кој учествуваа 1.000 млади Роми од цела Европа, а јас учествував како претставник од Националниот ромски центар. Мотото на собирот беше „Гледај и не заборавај“ – “Dikh khal Na Bistar”, во организација на меѓународната младинска мрежа TernYpe.

Така и излезе. Тоа што го видов таму никогаш нема да го заборавам. А, и како може да се заборави?

Во текот на посетата, имав можност да гледам повеќе снимени видео материјали за Холокаустот врз Ромите за време на Втората светска војна во логорите на смртта во Auschwitz. А, ја имав и таа можност да поразговарам и со преживеаните жртви на таа бесмисленост, Рита Пригмор од Германија, Николај (78 години) и Јам Дохлин (82 години) од Транснистрија. Ни ги прераскажуваа нивните страдања и болки кои до ден денеска во нивната душа претставуваат болка и страдања.

Посетата на музеите, средбата со преживеаните жртви, посетата на логорите, на печките за горење, ги опишувам со зборовите „Никогаш да не се повтори, никогаш да не се заборавиˮ ваков и сличен гнасен чин врз која било раса и националност, а најмногу врз Ромите. Се надевам дека светот и светските институции ќе донесат правилни програми со кои ќе се овозможи развој и напредок. Почувствував голема тага, празнина и болка при посетата на Auschwitz.

Најголем впечаток од сите преживеани ми остана животната приказна на преживеаната жртва Рита Пригмог од Würzburg (родена 03.03.1943 година) која потекнува од фамилија на музичари. Нејзиниот татко имал музички бенд заедно со неговите браќа, а нејзината мајка била танчерка и пејачка. Нејзиното семејство било уапсено во 1936 година. Во 1938 година Гестапо ја одзел целата земја и куќа на нејзиниот дедо и им било кажано дека треба да го напуштат местото на живеење. Нејзината мајка била присилена да одлучи да биде предмет на испитувања на лекарот озогласениот Dr.Mengele.

Таа ја изгубила својата сестра близначка поради експериментите на друг доктор Dr.Heyde кој експериментирал како да им ја смени бојата на очите од кафени во сини.

Рита Пригмор има лузна над нејзиното десно око поради инекциите кои што ги примала во текот на експериментите на Dr.Heyde.

Нејзината единствена желба е тоа никогаш повеќе да не се повтори и дека заедно сите треба да се бориме против било кој вид расизам.

И последните нејзини зборови кои ми останаа во мислите е мотото

– Помнете го минатото, дејствувајте во сегашноста и сменете ја иднината.

Таа е сигурна дека заедничкото живеење е нашата иднина.

Mојот личен впечаток како млада Ромка, студентка од Македонија на фармацевтскиот факултет од импресиите при големиот собир во Полска е дека историјата на Ромите за Холакаустот е многу болна и има големи последици.

На големиот собир на втори август, сите ние млади Роми, како и огромен број други гости и истакнати личности од јавниот и политичкиот живот на Полска, Германија, Романија, како и претставници на бројни европски институции во логорите Auschwitz – почит на сите ромски жртви убиени по наредба на Хитлер, кои биле погубени на различни бесмислени начини – во гасните комори, печки, стрелања, горења, експерименти врз нивните тела…