Владимир Милчин
Владимир Милчин Ашмет Елезовски

Во куси црти за вас, биографијата и вашата тековна позиција!

Роден сум во Скопје, 1947 година. Завршив театарска режија на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград, 1970 година. Денес сум редовен професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 1992 година сум Извршен директор во Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Се гордеам со својот придонес кон почетоците на Театарот „Пралипе“: ја селектирав за Аматерските драмски смотри првата претстава на Рахим Бурхан (ја играа на македонски), држев еден мал семинар во хангарите во Шутка, им сугерирав втората претстава да ја играат на ромски јазик. Како професор, се гордеам со тоа што имам две талетирани студентки Ромки, Санела (веќе дипломираше) и Емран (сега е на втора година).

Какво е вашето мислење за сегашнава ситуација во Р. Македонија за односот и третманот на државата (се разбира после многуте и долготрајни реформи на институциите и системските промени во државата) кон малцинствата и чувствителните групи?

Од една страна, чувствувам извесно задоволство поради тоа што Македонија во многу нешта, кога се работи за немнозинските заедници, е понапред од сите земји во нашето опкружување. Од друга страна, незадоволен сум поради тоа што мислев и се надевав дека Македонија ќе напредува побрзо во многу работи, вклучувајѓи ги тука и малцинствата и ранливите групи. Јасно е веднаш дека, како и во многу други држави, Ромите се најмаргинализираната немнозинска заедница во сите аспекти. Има многу причини за тоа, кои можат да бидат објасненување, но не и оправдување за државата и политиката.

Каква беше улогата на ФИООМ и невладиниот сектор во унапредувањето на малцинските заедници низ целиот тој период, какви беа ефектите од функиционирањето на овој сектор?

Малцинските заедници беа во фокусот на програмите на ФИООМ од самиот почеток. Кога се работи за Ромите, тоа може да се поткрепи со фактот дека во овие 15 години, во програмите наменети за унапредување на положбата на Ромите се вложени над 12 милиони американски долари. ФИООМ беше првиот донатор кој посветуваше внимание на потребите на Ромите. Образованието на Ромите, ромските медиуми, културата на Ромите, ромскиот невладин сектор, тоа беа долгоророчни приоритети на ФИООМ. ФИООМ со години имаше посебен советодавен комитет ромските програми во кој доминираа Роми. Во последните два состави на Управниот одбор членуваат Роми. Во ФИООМ денес работат осум Роми. Нема да го коментирам придонесот на невладиниот сектор воопшто од проста причина што не сакам да бидам доживуван (и обвинуван) како патрон на секторот кај нас.

ФИООМ имаше една од најобемнните програми наменети за ромската заедница, кои се вашите согледувања кон ефектите од оваа програма, и дали мислите дека ваквите програмски шаблони ќе бидат применливи за Ромите и во иднина, или потребен е сосема нов концепт?

Програмите на ФИООМ наменети за Ромите се трансформираа сиве овие години. На пример, во првите години доминираше хуманитарната помош, Денес тоа го нема. Ромските телевизии БТР и Шутел беа долгогодишни грантисти. Сега веќе не се. Денес најголем приоритет е образованието, еден од четирите приоритети на Ромската декада. И тука ефектите се видливи и опипливи. Ако погледнете колку млади Роми има денес на универзитетите во Македонија, еден од ефектите ќе ви биде веднаш видлив. Погледнете колку Роми денес јавно ги артикулираат ставовите на ромската заедница кај нас и ќе ги видите ефектите од помошта во развојот на ромските невладини организации. Пред извесно време со задоволство и уживање го слушав оркестарот на младите од „Дархија“. Особено сум среќен поради она што го прави „Ромаверзитас“. И да не набројувам понатаму. Во угледни домашни и меѓународни институции (Европскиот парламент, ОБСЕ, Европската агенција за обнова, Министерството за образование) среќавам Роми кои работеле во ФИООМ или соработувале со фондацијата. Разновидноста е богатството на она што е веќе видливо.

Дали во вакви и слични програми може да се гледа спасот за Ромите, пат по кој треба да се интегрираат во оопштеството. Што велат параметрите од вашите истражувања (доколку ги имате), а што вели искуството?

Она што го прават фондациите и невладините организации може само делумно да го надомести она што не го прави државата. Симптоматично е тоа дека некои ромски политичари си бараат алиби за несработеното во нападите против невладиниот сектор и агресивно се обидуваат да го стават под контрола. Што се однесува до фондациските програми наменети на Ромите, сега е при крај изработката на едно независно вреднување од кое очекувам свеж критички увид во ефектите и препораки за иднина. Едно е сигурно, на Ромите кај нас им требаат сојузници, а не им требаат патрони, ромски или неромски, сеедно.

По ваше мнение каде лежи проблемот, дали за ваквата состојба се одговорни институците или пак самите Роми се виновни за нивната ситуација, бидејки во последно време според некои „студии“ смело се тврди дека Ромите не се способни за интеграција во општествата, па оттука залудни се програмите и трудот на сите НВО и фондации. Кој е вашиот коментар?

Не знам кои се тие „студии“, но таквиот став го сметам за дискриминаторски и расистички, без оглед од каде доаѓа. Отсекогаш сум чувствувал одбивност кон теориите со кои некои народи (си) се прогласуваат за „небески“ и супериорни, а другите за „криминогени“ и инфериорни. Таквите повампирени неофашистички тврдења се всушност инструменти во борбата за неограничена власт.

Дали ФИООМ ќе ги подржува Ромите во Р.Македонија и во иднина, има ли предвидено програми во стратегијата за нив?

Да. Интеграцијата на Ромите е еден од петте приоритети во стратегијата и буџетот на ФИООМ за 2007 година. Ромите се приоритет и на целата Соросова фондациска мрежа. На годинашново Биенале во Венеција (најугледната манифестација на ликовните уметности во светот) прв пат ќе има Ромски павиљон и тоа е иницијатива на Соросовата мрежа.

Од програмите на вашата институција беа финансирани повеќе ромски невладини организации чии капацитети се развиваа паралелно со подршката наФИООМ, дали после толку време соработка веќе гледате зрели лидери во тие невладини организации кои би можеле да го предводат ромското движење, би издвоиле ли некои НВО?

Несомнено. Ромскиот дел од невладиниот сектор бележи, според моето мислење, најголем развој во последните 10 години. Тоа можеше да се види и на прогласувањето на Декадата во Будимпешта и во подготовките на акциските планови. Македонските Роми можат да се пофалат со петнаесетина невладини организации со експертиза и фокусираност.

Какво е вашето гледиште за моменталната состојба на Ромите во Р.Македонија, дали сметате дека Ромите се сеуште на работ на општеството, се забележуваат ли напредни чекори на нивна интеграција во општеството?

За ова веќе кажав неколку нешта во претходните одговори. Но, понекогаш и повторувањето може да биде полезно. Да, огромното мнозинство Роми се и натаму на маргините на општеството. Исклучоците засега само го потврдуваат правилото.

Како ги гледате Ромите во Р.Македонија по 10 години?

Десет години се и многу и малку. Сигурен сум во тоа дека бројката од стотина ромски студенти ќе се зголеми на илјада, на пример. Сигурен сум дека битно ќе зајакне ромското претприемаштво и ќе се зголеми бројот на вработени Роми и во државниот и во приватниот сектор. Условите за живот (инфраструктурата) во ромските населби ќе се подобрат. Ќе имаме нова генерација ромски лидери со високо образование која, се надевам, ќе ја влече заедницата напред. Премногу или недоволно оптимизам во моето предвидување? Длабоко во мене лежи надежта дека ќе има поголем напредок, но страв ми е да ја дефинирам. Зависи и од тоа каде ја гледаме Македонија по 10 години.