Оваа анализа е изработена во рамките на проектот „Поддршка на жени Ромки да ги идентификуваат нивните потреби, да ги побараат своите права и да се зголеми пристапот до услуги за оние што преживеале насилство“, имплементиран од Националниот ромски центар, во рамките на Регионалната програма на Европската Унија и UN Women „Спречување на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција: Имплементирање на норми промена на ставови“.
Насилството врз жената е појава којашто ги подрива вредностите на демократското општество. Реакцијата на овој општествен феномен низ историскиот развој во секое општество се движи од третирањето на НВЖ како прифатливо и дозволено до забрането и казниво однесување. Распространетоста на НВЖ е во тесна врска со рамноправноста на жените и мажите во општеството. Но во секое општество, феноменот на насилството врз жени (НВЖ) ги има атрибутите што ги доделува конкретниот историски период и нормите, уверувањата и законските решенија дефинирани во него. Оттука, општественото препознавање и реакцијата на насилство врз жената се условени од: развојните, културните, традиционалните, сопственичките, политичките и моралните вредности што важат во определениот период (Мирчева, С., Гогов, Б., 2014). Родово базираното насилство врз жени ги погодува жените од сите општествени групи и претставува кршење на нивните човекови права и дискриминација. Но жените и девојките Ромки се изложени на посебни облици и на зачестено насилство од различен вид со што се мултиплицираат негативните последици. Насилството врз жените и девојките Ромки ја отсликува и родовата нееднаквост и структурната дискриминација со којашто се соочуваат. Насилството врз жените Ромки е засилено заради вкрстувањето на бројни фактори што ја дефинираат положбата на жената Ромка во општеството и семејството. Сиромаштијата, исклученоста од пазарот на труд, образованието, ограничената социјална и здравствена заштита, несоодветното домување и згрижување на децата претставуваат препреки за излез од насилството и добивањето помош и поддршка. Традиционалните вредностите, коишто ги споделува ромската заедница за улогата на жената и нејзината положба во семејството и асоцираната стигма за непочитување на традиционалните вредности на заедницата, се исто така, сериозна препрека за барање помош и поддршка. Дополнително, прифаќањето на традиционалните вредности на ромската заедница во поширокото општество, како дадени и ‘својствени‘ за Ромите уште повеќе ја влошува состојбата со насилството врз жените и девојките Ромки и претставува структурна дискриминација. Оваа состојба резултира со зголемување на исклученоста на жените Ромки од поддршката и заштитата од насилство врз жените и ги намалува нивните опции за излез од насилството во, но и надвор од нивната заедница. Препреките со кои се соочуваат жените Ромки при барањето и добивањето поддршка и заштита мора да се набљудуваат како прашање на мултиплицирана и структурна дискриминација.
Оваа анализа е изработена во рамките на проектот „Поддршка на жени Ромки да ги идентификуваат нивните потреби, да ги побараат своите права и да се зголеми пристапот до услуги за оние што преживеале насилство“, имплементиран од Националниот ромски центар, во рамките на Регионалната програма на Европската Унија и UN Women „Спречување на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција: Имплементирање на норми промена на ставови“. Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија.
Авторка на извештајот е проф. д-р Стојанка Мирчева, вонредна професорка по Полиција и човекови права и раководителка на Катедрата за полициски науки на Факултетот за безбедност – Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таа е авторка на голем број трудови објавени во национални и меѓународни научни списанија. Нејзини главни области на истражување се насилството врз жените, ранливите групи и недискриминација, родовото чувствително постапување со жртвите во казнено – правниот систем, правдата за децата, полициските овластувања и полициската организација.
Извештајот во целост е поставен на следниот линк: